Полицијата која го истражува мистериозното откривање на три тела убиени со стрели од самострел во хотелска соба во Баварија, денес соопшти дека нашле и трет неискористен самострел во торба.

Иследниците сé уште се обидуваат да ја пронајдат врската меѓу тројцата луѓе што беа пронајдени во саботата и што точно се случило во собата во хотелот Пасау во близина на австриската граница, објави АП.

Портпаролот на полицијата, Штефан Гајзбауер, рече дека нема индикации за вмешаност на никој друг освен оние што се пронајдени мртви, но дека сè уште не е јасно што се случило.

-Претпоставуваме дека никој друг не бил вмешан во смртта на тројца луѓе, изјави Гајзбауер за АП, додавајќи дека резултатите од аутопсијата се очекуваат утре.

Убиените се германски државјани, и тоа 53-годишен маж и две жени на возраст од 33 и 30 години.

Нивните тела беа пронајдени од страна на вработен кој ја отворил вратата од нивната трикреветна соба, кога тие не одговориле на неговото тропање на вратата.

Мажот и постарата жена лежеле на креветот, а помладата жена лежела на подот.

Сите три тела имале стрели во себе, но полицијата не прецизираше колку на број.