Заложничка криза се одвива во градот Луцк во западна Украина, каде што маж, кој се претставил како Максим Плоким, киднапирал автобус со најмалку 10 патници, меѓу кои и една бремена жена и неколку деца.

Плоким, кој е вооружен, се заканува дека ќе го разнесе автобусот, а исто така тврди дека поставил експлозив во градот и дека ќе го активира од далечина.

Медиумите пишуваат дека жена која била држена како заложник во автобусот успеала да повика пријателка и ја замолила да ги повика новинарите затоа што терористот го киднапирал автобусот во кој се наоѓа и сакал да го разнесе.

Оклопни возила влегле во градот, а десетици припадници на полицијата и специјалните единици се на самото место обидувајќи се да стапат во контакт со напаѓачот, но тој одбива каква било соработка.

Според украинските медиуми, тој само се согласил да разговара со новинарите, на кои им открил дека во автобусот има бремена жена и деца. Како што вели тој, бара целосно внимание и сите камери да бидат насочени кон него.