„Како се осмелувате“, им порача младата шведска актитивистика Грета Тунберг на светските лидери отворајќи го климатскиот самит со осуда кон моќниците поради нивниот пропуст да преземат силни мерки во борбата против климатските промени.

-Очите на идните генерации се вперени во вас и доколку одлучите да нè изневерите, ние никогаш нема да ви простиме, изјави Тунберг обраќајќи им се на светските лидери во Њујорк, кои присуствуваат на самитот на ОН посветен на климатските промени.

-Ова е погрешно. Не треба да стојам овде. Треба да се вратам во училиште, на другата страна од океанот. Ги украдовте моите соништа и моето детство со вашите празни зборови. А сепак, јас сум една од среќните. Луѓето страдаат. Луѓето умираат. Целиот екосистем се распаѓа. Ние сме на почетокот на масовно истребување. И сè за што можете да разговарате се пари и бајки за вечен економски раст. Како се осмелувате!, порача Тунберг во емотивното обраќање.

Таа потсети дека доколку се намалат емисиите на стакленички гасови за половина во следните 10 години, тогаш човештвото би имало 50 отсто шанси да остане под 1,5 Целзиусов степен, но со ризик од неповратен синџир на реакции, кој луѓето нема да може да го контролираат.