Американскиот претседател Џо Бајден потпиша извршни декрети за укинување на миграциската политика на својот претходник Доналд Трамп, кои опфаќаат и формирање работна група наменета за повторно обединување на семејствата разделени на границата меѓу САД и Мексико.

– Јас не создавам нов закон, само ја отстранувам лошата политика. Америка е побезбедна, посилна, понапредна кога имаме искрен, уреден и хуман миграциски систем – изјави Бајден пред новинарите.

Една од уредбите ја обврзува администрацијата на Бајден да формира работна група задолжена за обединување на семејствата што претходната влада ги раздели.

Администрацијата на Трамп одвои најмалку 5.500 деца од своите родители по апсењето кога нелегално влегоа на територијата на САД.

Исто така, потпишаната извршна наредба наредува ревизија на Протоколот за заштита на мигрантите (МПП), контроверзна програма што испрати 65.000 баратели на азил назад во Мексико да чекаат сослушувања во американските судови за нивните барања за азил. Повеќето се вратија во своите матични земји, но некои останаа во импровизиран камп во близина на мексиканската граница.