Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска изрази надеж дека исходот од изборите ќе му помогне на Израел „да дојде на преговарачката маса” и да тргне „на вистинскиот пат за да се постигне мир”.

Абас, сепак, истакна дека Палестинците ќе го отфрлат блискоисточниот мировен план, кој долго време го најавува администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Парламентарните избори во Израел се сметаат како референдум за премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој во предвечерието на изборите се обиде да ги привлече националистите, најавувајќи анексија на окупираниот Западен Брег.

Тој потег ќе го означи крајот на напорите за решавање на деценискиот израелско-палестински конфликт по моделот – две држави, Израел и Палестина, кои би постоеле во мир една крај друга.

Политиката на Трамп, вклучувајќи го и признавањето на суверенитетот на Израел врз Ерусалим и на Голанската Висорамнина, предизвика гнев кај Палестинците, кои планираат седиште на нивната идна држава да биде источен Ерусалим.

Таа држава, ќе го опфати Појасот Газа и Западниот Брег, територии кои Израел ги освои во Шестдневната војна од 1967 година, од Јордан и Египет. Во истата војна, Голан беше освоен од Сирија.

Ривалот на Нетанјаху на изборите, Бени Ганц посочи дека нема да ги отфрли идните мировни разговори.