Американскиот заменик јавен обвинител Род Розенстин денеска најави дека специјалниот обвинител Роберт Малер поднел кривични пријави против 12 Руси, офицери на безбендосната служба ГРУ.
Според обвинението, руските агенти биле ангажирани во хакерските напади во кои беа објавени електронски пораки на кандидатката за демократите за претседател на САД, Хилари Клинтон и нејзини блиски соработници, како Џон Подеста.
Пораките покажаа како Демократската партија ја поткопувала кандидатурата на Берни Сандерс, кој беше соперник на Клинтон за претседателската номинација, а открија и многу детали за зделките кои фондацијата на Бил и Хилари Клинтон ги имале со голем број држави и компании од целиот свет.
Како резултат на ова, Клинтон се соочи со истрага за неправилно ракување со доверливи податоци и вршење службени должности, како државен секретар, преку приватни компјутерски системи. Таа ги обвини Русите дека влијаеле да ги загуби претседателските избори.
Дванаесетте руски офицери се обвинети дека ги координирале хакерите кои ги собрале електронските пораки од серверите на Демократската партија и од кампањата на Хилари Клинтон. Потоа, тие пораки биле објавени на интернет страницата Ди-Си ликс, како и преку романскиот хакер Гуцифер 2.0.
Во текот на оваа операција, ангажираните компјутерски системи биле платени со биткоини, за да се затскријат трагите, стои во обвинението.
Кривичните пријави доаѓаат неколку дена пред планирата средба меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин предвидена за в понеделник во Хелсинки.
Русија негира дека се мешала во американските претседателски избори, иако Путин изјави дека е можно приватни руски лица, поради сопствено убедување, да финансирале медиумски кампањи во САД.