Британските пратеници го поддржаа законот со кој се блокира излегувањето на земјата од Европската Унија без постигнат договор со Брисел. Со законот се задолжува британскиот премиер Борис Џонсон да побара од ЕУ продолжување на рокот за брегзит до 31 јануари 2020 година, освен ако парламентот не одобри нов договор или ако до 19 октомври го поддржи излегувањето без договор. Истовремено, пратениците од Долниот дом на британскиот парламент го одбија барањето на Џонсон за распишување предвремени избори, пренесуваат светските медиуми.
Законот против брегзит без договор ја доби поддршката од 327 пратеници, додека против него гласаа 299 пратеници. Последниот збор за законот го има Горниот дом на парламентот, каде што лордовите денес треба да гласаат за предлогот. Според сите најави, се очекува лордовите да го поддржат законот, а за да стапи во сила е потребен и потпис од британската кралица.
Лидерот на опозициските лабуристи Џереми Корбин претходно го обвини премиерот Џонсон дека игра нечесни игри за да изнуди брегзит без договор. Корбин порача дека неговата партија ќе поддржи избори откако законот ќе биде усвоен, но не претходно. По гласањето, пак, британскиот премиер го обвини Корбин дека е прв лидер на опозицијата во историјата, кој одбил избори.