На конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел и нивните коалициски партнери од Социјалдемократската партија им се заканува опасност од натамошно намалување на популарноста пред покраинските избори на 28 октомври во Хесен.
Намалувањето на поддршката за Христијанско-демократската партија (ЦДУ) доаѓа откако нејзината сестринска партија, баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ) доживеа неуспех на покраинските избори во неделата, постигнувајќи најлош резултат од 1950 година.
Анкетата на агенцијата за истражување на јавното мислење Вален, објавена за ТВ мрежата Це-Де-Еф покажува дека ЦДУ во Хесен има поддршка од само 26 отсто од избирачите, додека на минатите покраински избори во 2013 година доби 38,3 отсто поддршка.
Анкетата покажа дека ЦДУ и СДП се на најниско ниво од 1997 година, при што 25 проценти од избирачите ги поддржуваат конзервативците, а само 14 отсто социјалдемократите.
Според анкетата во Хесен, Зелените ќе бидат најголеми добитници во таа покраина, бидејќи според добиените резултати ќе избијат на второ место, но и дека за формирање влада ќе им биде потребен трет партнер.
Анкетата покажува и дека партијата на крајната десница „Алтернатива за Германија“, чиј успех во Баварија се оценува како „земјотрес“, ќе добие 12 отсто од гласовите.