Во своето обраќање кон барателите на азил кои живеат во бегалскиот камп на грчкиот остров Лезбос, папата Франциск денеска го опиша запоставувањето на мигрантите од страна на Европа како „потоп на цивилизацијата“. Римокатоличкиот понтиф, за време на неговата посета на мигрантскиот камп Мавровуни, рече дека „некои во Европа продолжуваат да го третираат проблемот како прашање што не ги засега нив“ и дека со таквиот став се осудуваат на смрт тие кои се на работ.
Кампот, во кој се сместени околу 2.300 баратели на азил од Авганистан, Сирија, Ирак и други земји, е жариштето на бранот мигранти кои се обидуваат да влезат во Европа во последните години. Франциск последен пат го посети Лезбос во 2016 година, кога островот беше главната точка за влез во Европа за повеќе од 1 милион луѓе кои бегаа од војната во Сирија и Ирак во тоа време. Папата на Лезбос рече дека малку нешта се промениле од тогаш во однос на прашањето за миграцијата.
Посетата на папата Франциск беше дел од петдневното патување на Кипар и Грција, во кое доминираше мигрантското прашање, со фокус на бегалците на Лезбос и на оние заглавени долж границата на Белорусија.