По официјалното уништување на Калифатот на Исламска држава (ИД) во Сирија, земјата се соочува со сериозни проблеми поради големата бројка на внатрешно раселени лица и луѓе кои останале без домови. Поради кризата, импровизираните кампови се полни, пренаселени и без основни услови за живот, а луѓето во нив се соочуваат со најразлични видови на проблеми, пишува Си-ен-ен.
Еден од овие кампови е Рукбан, импровизирана населба за внатрешно раселени луѓе во зоната во Сирија која е под американска заштита, на 16 километри од голема воена база на САД.
Дел од жителите на Рукбан престојуваат во кампот веќе неколку години, спијат во импровизирани шатори и немаат пристап до чиста вода и лекови. Некои активисти го нарекоа ова место „триаголникот на смртта“, а Обединетите нации (ОН) ги опишаа условите како „очајни и катастрофални“.
Поголемиот дел до луѓето кои престојуваат во овие импровизирани кампови, најчесто се луѓе кои бегале од Калифатот на ИД или од сириската влада, за време на долгогодишниот колфликт во земјата. Денес, речиси 25.000 луѓе живеат во Рукбан, на границата на Јордан, со надеж дека властите повторно ќе ги отворат границите за бегалците по нивното затворање во 2016 година.
Освен Рукбан, во Сирија има многу слични импровизирани кампови за внатрешно раселени лица, меѓу кој и кампот Ал Хол, каде пак поранешни членови на ИД започнуваат да ја преземаат контролата и влијанието врз населението, навестувајќи појавување на нов Калифат на ИД во Сирија.