Предупредувањата на западните медиуми се дека доколку не се преземат соодветни акции од ЕУ во релациите на Полска и на Унгарија со Брисел, во однос на владеењето на правото и усогласувањето на политиките со ЕУ, Унијата би можела да се распадне однатре
Kлин во темелите на ЕУ
Откако Унгарија и Полска се заканија со блокирање на буџетот на ЕУ, холандскиот премиер Марк Руте ја истакнал можноста за нивно заобиколување за носење на буџетот, со што угледниот бриселски портал „ЕУ обзервер“ наведува дека Руте е првиот лидер на држава од ЕУ што јавно проговорил за исклучување на незадоволните држави од Унијата. Имено, како што наведува порталот, тензиите меѓу земјите-членки што се потпираат на демократските основи и оние што ги заобиколуваат истите тие во ЕУ не се новина и постојат речиси цела деценија, а периодов се позачестени и се упатени кон Унгарија и Полска.
Според „ЕУ обзервер“, последните превирања во ЕУ, на кои остро реагираше холандскиот премиер Руте, во однос на најавеното блокирање на фондот за обнова и флексибилност од коронавирусот во ЕУ од страна на Будимпешта и Вашава сѐ додека не се повлече постапката што се води против нив за состојбата за владеењето на правото, може да предизвикаат и поголеми проблеми внатре во Унијата и нејзино распаѓање.
Порталот информира дека премиерите на Унгарија и на Полска, сојузниците во низа спорови со Брисел, се обединети за противењето на кастрењата во буџетот на Европската Унија како услов за владеењето на правото во нивните земји, но и прифаќањето на планот на ЕУ во однос на мигрантите. Како што пренесува „ЕУ обзервер“, Брисел, а во последно време сѐ поотворено и Холандија, ги обвинуваат двете земји дека ја поткопуваат независноста на судството, но и заедничката европска политика. Таквиот конфликт се заканува на тие членки да им се ограничи пристапот до идните финансирања од европскиот буџет.
Како што пишува бриселскиот портал, доколку Унгарија и Полска продолжат по патот на демонтирање на нивните демократски институции, за да станат искрено автократски општества, нема друга опција, освен доколку се согласат другите земји-членки на ЕУ може да се отстранат од ЕУ.
Теоретски, според „ЕУ обзервер“, тоа би можело да се случи доколку се поведе правна постапка од членот 7 од Лисабонскиот договор, кој може да доведе до губење на правото на глас во Европскиот совет на овие земји-членки и понатамошно нивно исклучување од пактот. Сепак, за да се дојде до ваков чин треба да има едногласна согласност од сите ЕУ-земји, што во моментов е малку веројатно и речиси невозможно, но сегашната состојба, каде што демократијата и владеењето на правото си противречат, е многу сериозен проблем и води кон ќор-сокак.
Во меѓувреме на истава тема пишува и „Политико“, кој исто така ја истакнува сериозноста на проблемите внатре во Унијата. „Политико“, повикувајќи се на бриселски дипломати, наведува дека сега на потег е Европската комисија.
– Унгарскиот премиер Виктор Орбан уште за време на самитот преку твитер-пораки тврдеше дека германската канцеларка Ангела Меркел му ветила дека постапката што се води против Унгарија и Полска во согласност со членот 7 од Лисабонскиот договор ќе биде завршена до крајот на годинава, односно до крајот на германското претседателствување со Европската Унија – пишува „Политико“. Магазинот понатаму додава дека сега засега единствен механизам за излегување од Унијата, сепак, е членот 50 од Лисабонскиот договор, кој личи на брегзит.
– Со други зборови, дури и Унгарија и Полска да продолжат по патот на демонтирање на нивните демократски институции за да станат искрено автократски, нема легално ништо што другите земји-членки на ЕУ можат да сторат за да ги отстранат од ЕУ – пишува магазинот.