Националниот советник за безбедност на САД, Џон Болтон, изјави дека Венецуела сега е дел од „ексклузивниот клуб на непријателски земји“ и издаде предупредување за сите други земји кои сакаат да тргуваат со Каракас
САД го промовираа својот најнов план за максимален притисок врз Венецуела во перуанскиот главен град Лима, каде повеќе земји се собраа да ја дискутираат кризата во земјата која трае веќе подолго време, објави „Дојче веле“.
Во период од скоро осум месеци, Венецуела е вплеткана во несогласувањата меѓу Хуан Гваидо, спикерот на Националното собрание, кој се самопрогласи за привремен претседател и претседателот Николас Мадуро кој беше избран на спорни избори.
САД го поддржуваат Гваидо, поставија економски санкции и бараат начин да го изолираат, според нив, режимот на Мадуро. Пред состанокот во Лима, Вашингтон објави дека ќе го замрзне цел имот на венецуелската влада во САД, но не успеа да наметне комплетно ембарго за јужноамериканскатан нација.
– Режимот на Мадуро сега е во ексклузивниот клуб на непријателски земји – изјави националниот советник за безбедност на САД, Џон Болтон, на еднодневната конференција во Перу. Тој додаде дека Соединетите Држави испраќаат сигнал на третите земји дека треба да бидат екстремно внимателни доколку сакаат да тргуваат со режимот на Мадуро.
Претставници на повеќе од 50 земји беа на состанокот, вклучувајќи ја Германија, Велика Британија, Франција и Јапонија, како и лица од Европската Унија и Меѓу-американската банка за развој.
На состанокот не присуствуваа Кина, Русија, Куба и Турција, традиционалните сојузници на владата во Венецуела. Мексико и Уругвај исто така ја одбија поканата, со намера да останат неутрални во политичкиот конфликт.
– Поддршката на Русија и Кина за режимот на Мадуро не смее да се толерира. Правиме нов чекор за да му го ограничиме пристапот на венецуелскиот претседател до глобалниот финансиски систем и дополнително меѓународно да го изолираме – изјави советникот за безбедност и еден од најблиските соработници на претседателот Трамп.
Владата во Венецуела одговори на одлуката на САД за замрзнување на сите средства преку барање до Советот за безбедност на Обединетите нации итно да ги истражи „опасните“ чекори на САД.
Владата на Мадуро рече дека САД се однесуваат како „држава без закон“ и дека администрацијата на Трамп е „најрасистичка во историјата на западната хемисфера“.