Интернационалната тениска федерација (ИТФ) соопшти дека подготвува дополнителни мерки, вклучувајќи и нов фонд за поддршка на понискорангираните професионалци, кои се најпогодени од пандемијата на коронавирусот, објави „Ројтерс“. Тениската сезона беше прекината во март и тоа ќе потрае барем до крајот на јули, поради ограничувањата при патувањата што ги воведоа голем број земји за да го спречат ширењето на вирусот.

Претходно овој месец, ИТФ, АТП, ВТА и раководните тела на четирите гранслем-турнири собраа над шест милиони долари за да им помогнат на 800 понискорангирани играчи, кои зависат исклучиво од заработката на турнирите. ИТФ соопшти дека најновите мерки ќе вклучуваат фонд за помош за тенисер(к)ите, рангирани меѓу 501-то и 700-то место, кои не се опфатени со други програми за помош. Повеќе детали за ова треба да бидат објавени по состанокот на одборот на 2 јуни. Претходната програма за помош на ИТФ предвид го имаше рангирањето на играчот, како и заработката од турнирите.

– Правиме сѐ што е во наша моќ да се осигуриме дека талентираните играчи што настапуваат на ИТФ-турнирите ќе ја добијат потребната поддршка и ќе го продолжуваат својот развој во овие неизвесни времиња – рече претседателот на ИТФ, Дејвид Хагерти.