Фото: ЕПА

Родри првпат ја доби престижната награда, а Бонмати го задржа трофејот освоен лани. „Никогаш не размислував да ја освојам ’златната топка’, но во претходните години играв на највисоко ниво. Тоа беше процес. Ако погледнете планина од подножјето, секако дека ќе биде многу висока. Но, ако си поставувате мали цели секој ден во вашиот живот, ќе го зголемувате вашето ниво и еден ден ќе бидете горе и многу високо и мислам дека се случи тоа“, рече Родри

ФУДБАЛ – ИЗБОР НА НАЈДОБРИТЕ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА „ФРАНС ФУДБАЛ“

Шпанските фудбалери од средниот ред Родри и Аитана Бонмати ја освоија наградата „златна топка“ за мажи и за жени, како најдобри светски фудбалери за 2024 година.
– Неверојатна ноќ за мене. Една од моите клучни работи е дека секогаш се трудам да се подобрувам во секој натпревар – рече Родри, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Родри, кој ја заврши сезонава по повредата на вкрстените лигаменти во коленото и на церемонијата пристигна со патерици, првпат ја освои престижната награда, откако со Манчестер сити ја освои Премиер-лигата и беше клучен играч во триумфот на Шпанија на Европското првенство.
– Никогаш не размислував да ја освојам „златната топка“, но во претходните години играв на највисоко ниво. Тоа беше процес. Ако погледнете планина од подножјето, секако дека ќе биде многу висока. Но ако си поставувате мали цели секој ден во вашиот живот, ќе го зголемувате вашето ниво и еден ден ќе бидете горе и многу високо и мислам дека се случи тоа – рече Родри, пренесе Европската фудбалска унија.
Бонмати ја задржа наградата освоена лани откако ѝ помогна на Барселона да ги освои шпанската лига, шпанскиот куп и Лигата на шампионите. Бонмати и Алексија Путелас имаат по два вакви трофеја.
– Задоволство е што сум повторно тука. Благодарност до моите соиграчки и клубовите што секоја година ме прават подобра фудбалерка – рече Бонмати, пренесе АП.
Наградата „златна топка“ ја доделува магазинот „Франс фудбал“ и се доделува од 1956 година за мажи и од 2018 година за жени. За освојувачите на трофеите гласаат новинари од првите 100 земји на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Тинејџерот Ламине Јамал ја освои наградата „Копа“ за најдобар фудбалер до 21 година. Реал Мадрид во машка и Барселона во женска конкуренција ги освоија признанијата за најдобри тимови. Поранешниот напаѓач на Пари сен Жермен, сега на Реал Мадрид, Килијан Мбапе и напаѓачот на Баерн, Хари Кејн, ја поделија наградата „Герд Милер“ за најдобри стрелци за клуб и за репрезентацијата, со по 52 гола. Аргентинецот Емилијано Мартинез (Астон вила) вторпат во низа ја освои наградата „Лев Јашин“ за најдобар голман. Карло Анчелоти од Реал Мадрид и олимписката шампионка Ема Хејс го добија трофејот „Јохан Кројф“ за најдобри тренери на машки и на женски тим. Шпанската напаѓачка Џени Хермосо ја освои наградата „Сократес“ за хуманитарна работа. „Франс фудбал“ им додели специјална награда на сопругата и на синот на германскиот великан Франц Бекенбауер. Н.М.