ШАХ – СП ЗА ЈУНИОРИ ВО ИТАЛИЈА

Македонската шаховска надеж, Антон Златков (2.220 рејтинг-поени, рангиран 46-ти пред почетокот на турнирот) во второто коло на поединечното Светско првенство (СП) за јуниори (до 14, 16 и до 18 год.) во Монтесилвано (Италија), ремизира со интернационалниот мајстор (ИМ) од Полска, Јакуб Семан (2.417, рангиран шести), во категоријата до 16 години. Успехот е уште поголем ако се знае дека ривалот имаше речиси 200 поени повисок рејтинг. Златков моментно е на 32-то место меѓу 144 шахисти (седум ИМ, 32 ФМ) од 73 држави.
Од другите седум македонски преставници цел поен во ова коло освоија Стојан Велковски (1.985) против Италијанецот Франческо Барба (1.110) во категоријата до 18 години и Никола Бошковски (1.635) против Парагваецот Давид Јодорковски (2.040), во категоријата до 16 години. Половина поен освои Теодор Јовановски (2.140) против Канаѓанецот Ендрју Киу (1.729) до 18 години. На СП играат вкупно 773 учесници во сите категории (453 момчиња и 320 девојчиња) од 94 држави. Г.И.