Победи забележаа Лирен и Абдусаторов. Светскиот првак во класичен, забрзан и во брз шах, Норвежанецот Магнус Карлсен, ремизира во 41-от потег, со Американецот Левон Аронијан, давајќи вечен шах со својата кралица
ШАХ
Се одигра возбудливо прво коло, со две победи и седум ремија, на 85-то издание на традиционалниот и еден од најстарите и престижни шаховски турнири во светот, во холандскиот град Вајк ан Зе, а годинава и најмлад според возраста на учесниците во неговата досегашна историја. Пет од 14-те учесници се на возраст до 19 години или помлади. По две години пауза, поради ковид-19, се врати посебниот дух што го имаше овој турнир. Уште пред поранешниот светски првак, Индиецот Вишванатан Ананд со удар на гонгот да го означи почетокот на првото коло, во салата веќе стотина гледачи чекаа да пристигнат велемајсторите. Победи забележаа Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов и претендентот за светската титула, Кинезот Динг Лирен, но беа видени интересни партии и во другите дуели.
Индиецот Домараџу Гукеш во дамино-индиско отворање беше под притисок на ловечката двојка на претендентот за светската титула, Кинезот Динг Лирен, а по првата непрецизност во 23-от, згреши и во 32-от потег. Унгарецот Ричарт Рапорт како „бел“ уште во третиот потег тргна во авантура во т.н. виенска партија против младиот и талентиран Абдусаторов, чија позиција беше подобра. Рапорт подоцна влезе во недостиг од време за размислување и згреши во 39-от и во 40-от, играјќи со својот крал, а партијата беше загубена откако црниот Б-пешак дојде на вториот ред.
Светскиот првак во класичен, забрзан и во брз шах, Норвежанецот Магнус Карлсен, ремизира во 41-от потег со Американецот Левон Аронијан, давајќи вечен шах со својата кралица. Карлсен не беше задоволен по партијата, велејќи дека не нашол ништо посилно во нападот, а противникот прецизно се бранел.
Холанѓанецот Жорден ван Форест и Американецот Весли Со во каталонско отворање брзо, само по девет потези, ги сменија кралиците, но подоцна Ван Форест го превиде тактичкиот удар на црниот со коњот, со кој потоа освои пион. На крајот, белиот остана со еден пион помалку, но со разнобојни ловци успеа да одржи реми.
Индискиот дуел помеѓу Рамешбабу Прагнананда и Арјун Еригаиси во Гринфелдова одбрана, варијанта на Ботвиник, беше во границите на рамнотежата и без некои големи авантури, па нерешениот резултат беше логичен исход. Холанѓанецот Аниш Гири и Американецот Фабијано Каруана ремизираа во отворањето Зукертот, откако Гири ја испушти предноста по непрецизниот 26-ти потег со својот ловец, наместо да напредува со пешакот на А-линијата. Реми во еднаква позиција беше видено и помеѓу младите шахисти, Иранецот Пархам Магсодлу и Германецот Винсент Кејмер, во обратно одиграно Бен-они отворање.
Најмногу победи на овој турнир има Карлсен, вкупно осум (2008, 2010, 2013, 2015, 2016, 2018, 2019, 2022).
На челенџ-турнирот, кој се игра паралелно со главниот, со 14 шахисти, Американецот Абхиманју Мишра (2.559 -рангиран 11-ти), најмладиот велемајстор во историјата на шахот (на 12 години, четири месеци, 25 дена), ја победи во почетното коло Холанѓанката Елини Роеберс (2.361) по 33 одиграни потези.
Резултати од првото коло: Карлсен – Аронијан реми (41. потег), Каруана – Гири реми (31), Магсодлу – Кејмер реми (33), Прагнананда – Еригаиси реми (40), Ван Форест – Со 0-1 (49), Рапорт – Абдусаторов 0-1 (47), Гукеш – Лирен 0-1 (38). Г.И.