Сега води Томас, со вкупно време 24 часа, 24 минути и 27 секунди, а втор е Словенецот Примож Роглиќ, со три секунди заостанување
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д`ИТАЛИЈА
Белгискиот велосипедист Ремко Евенепул (23), лидерот во генералниот пласман на велосипедската трка Џиро д’Италија, се повлече откако беше позитивен на ковид-19. Членот на тимот Судал Квик Степ, кој победи на индивидуалниот хронометар во деветтата етапа (35 км), со време 41 минута и 24 секунди, односно низ целта во Чезена мина за една секунда побрзо од Британецот Герајнт Томас, го презеде водството во генералниот поредок, но неколку часа подоцна беше соопштено дека се повлекува од трката.
– Многу ми е жал што морам да го напуштам натпреварувањето. Како дел од тимскиот протокол, направив рутински тест, кој, за жал, се покажа позитивен. Моето искуство овде беше посебно и со нетрпение ги очекував следните етапи – изјави актуелниот светски првак на друмски патеки Евенепул. Еден од главните фаворити за конечен триумф на годинешниот Џиро беше предвидено вчера да се врати во Белгија со автомобил. Тој е петтиот возач што се откажа од Џиро д`Италија годинавa поради ковид-19.
По деветтата етапа, Евенепул имаше 45 секунди предност пред Британецот Томас, но по откажувањето сега води Томас, со вкупно време 24 часа, 24 минути и 27 секунди, додека втор е Словенецот Примож Роглиќ, со три секунди заостанување. Вчера беше слободен ден, а денеска трката ќе продолжи со делницата долга 196 км, која ќе се вози од Скандијано до Виареџо. Годинашново, 106-то издание на Џиро д’Италија трае вкупно 21 ден, со учество на 176 натпреварувачи. Г.И.