ШАХ – ПО ДВЕ КОЛА НА ТУРНИРОТ НА КАНДИДАТИТЕ

Во првото коло, цел поен освоија Каруана и Непомнијашчи, а во второто Накамура, кој беше подобар од Раџабов по 75 одиграни потези и шест и пол часа игра

Американецот Хикару Накамура (2.760 рејтинг-поени) единствен забележа цел поен во второто коло на Турнирот на кандидатите во Мадрид (Шпанија), за предизвикувач на светскиот шаховски првак Магнус Карлсен, победувајќи го Азербејџанецот Тимур Раџабов (рејтинг 2.753), по 75 одиграни потези и по шест и пол часа игра. Со оваа победа, Накамура има 50 отсто освоени поени, по поразот во првото коло од неговиот сонародник Фабијано Каруана (рејтинг 2.783).

Водечките шахисти по две кола, Русинот Јан Непомнијашчи (рејтинг 2.788) и Каруана (последните двајца што играа за титулата светски првак против Карлсен), со повторување на потезите ремизираа во 41-от потег во еднаква позиција.

На неговиот 19-ти роденден, се чинеше дека Алиреза Фирузја (рејтинг 2.793) од Франција ќе загуби во топовска завршница од Ричарт Рапорт (2.764), но Унгарецот двапати не одигра најпрецизно и му дозволи на противникот, по голема борба, да освои половина поен. Фирузја и во првата партија против Раџабов извлече реми, но и двапати играјќи со црни фигури. Вчера, во третото коло, тој првпат ја имаше предноста на почетниот потег, по што ќе следува првиот слободен ден.

Полјакот Јан-Кшиштоф Дуда (рејтинг 2.750) ремизира со Кинезот Динг Лирен (2.808, рангиран прв пред почетокот на турнирот) во 41-от потег. Се чинеше дека во еден момент Лирен има шанси да заигра и на победа, но по неколку непрецизности и двајцата оценија дека позицијата е приближно еднаква и потпишаа примирје.
Предизвикувачот на светскиот првак, Норвежанецот Карлсен, ќе биде познат по 14 одиграни кола (двокружен систем), а доколку е нерешено, за првото место ќе се игра плејоф. Мечот за светски првак треба да се игра следната година, а Карлсен петти пат ќе ја брани титулата.

Резултати од првите две кола: Дуда – Рапорт реми, Лирен – Непомнијашчи 0-1, Каруана – Накамура 1-0, Раџабов – Фирузја реми, Рапорт – Фирузја реми, Накамура – Раџабов 1-0, Непомнијашчи – Каруана реми, Дуда – Лирен реми.
Табела: Каруана и Непомнијашчи по 1,5 поен, Рапорт, Дуда, Фирузја, Накамура, по еден, Лирен и Раџабов по половина поен. Двојки за третото коло (синоќа): Лирен – Рапорт, Каруана – Дуда, Раџабов – Непомнијашчи, Фирузја – Накамура.


Недев: Типувам на Каруана, Лирен и Непомнијашчи

Типувам на Каруана, Лирен и Непомнијашчи. Сметам дека се најподготвени за овој предизвик. Другите мислам дека, сепак, немаат доволно искуство за вакви турнири, како Фирузја, а Дуда и Рапорт сметам дека не се на тоа ниво. Секако, може да ризикуваат и токму на овој турнир да се покажат. Според мене, Карлсен ќе се повлече и нема да ја брани титулата в година, вели селекторот на македонската машка репрезентација, ВМ Трајко Недев.


Панчевски: Ќе победи Лирен

Според мене, ќе победи Кинезот Лирен, бидејќи е еден од фаворитите и, за разлика од Фирузја, има повеќе искуство на вакви суперсилни турнири. Карлсен ќе ја брани титулата, а најмногу посакува тоа да боде Фирузја. Но доколку добие предизвикувач против кого не играл меч досега, сигурно ќе биде мотивиран да игра, смета македонскиот интернационален мајстор (ИМ) Филип Панчевски.