Спринтерските трки ќе бидат за половина пократки од традиционалните, ќе носат двојно помалку бодови, а и победата на нив нема да се смета како гранпри-триумф. Сезоната почнува викендов и ќе има повеќе трки од кога било досега, 21, а поради воведувањето на т.н. спринтерски трки, вкупниот број ќе изнесува двојно повеќе

МОТОЦИКЛИЗАМ

Главна карактеристика на годинешнава ГП-мотосезона, која почнува викендов, е фактот што ќе има повеќе трки од кога било досега, 21, но поради воведувањето на т.н. спринтерски трки во саботите, вкупниот број сега ќе изнесува двојно повеќе, 42. Спринтерските трки ќе бидат за половина пократки од традиционалните и ќе носат двојно помалку бодови, а и победата на нив нема да се смета како гранпри-триумф. Сето тоа, секако, ќе се одрази на шампионатот, оти ако немаше спринтерски трки, максималниот број на освоени поени ќе изнесуваше 525, а вака ќе достигне до 777.
Според експертите, како сето ова ќе изгледа со две трки, бидејќи ќе има и помалку време за подготовки на патеката, е тешко да се предвиди, но првиот впечаток ќе биде познат за неколку дена во Португалија. Воведувањето спринтерски трки доведе и до промена на распоредот, па така, трката во кралската класа ќе биде последна, наместо како порано, кога беше помеѓу оние во категориите мото три и мото два.
Петок ќе биде резервиран за тренинзи, од кои ќе зависи кој директно ќе оди во вториот дел од квалификациите. Во саботите претпладне ќе има еден тренинг, по што ќе следуваат квалификациите, кои ќе го одредат стартниот редослед на двете трки. Спринтерската трка почнува во 15 часот во саботите. Во неделите само возачите од најсилната категорија ќе имаат загревање од 10 минути, а главната трка ќе почнува како и досега, од 14 часот.
Новата сезона во Мото ГП-натпреварувањето почнува викендов со трката во Португалија, што ќе се вози на патеката „Алгарве“. Г.И.