Бугарите во Уставот – ДА или НЕ?

Отчукува часовникот, брзо тече времето кога треба да се решава дали Бугарите ќе бидат запишани или нема да влезат во Уставот на Македонија. Од тоа и само од тоа единствено прашање зависи дали постојниот Устав ќе биде отворен за менување по само четири поминати години од претходниот. Ако Уставот во 2001 година се менуваше под закана на војна од Албанците, ако оној во 2019 година доживеа потрес по грчките барања, сегашните промени ќе бидат според бугарски желби. Ништо не е изворно македонско, ништо оригинално. Само приспособување кон другите и по диктат на надворешни фактори.

КАКО СЕ МЕНУВАШЕ ПРЕАМБУЛАТА НА УСТАВОТ НА РМ – УСТАВНИ ПРОМЕНИ ШТО ЈА МЕНУВАА МАКЕДОНИЈА (3)

Отчукува часовникот, брзо тече времето кога треба да се решава дали Бугарите ќе бидат запишани или нема да влезат во Уставот на Македонија. Од тоа и само од тоа единствено прашање зависи дали постојниот Устав ќе биде отворен за менување по само четири поминати години од претходниот. Ако Уставот во 2001 година се менуваше под закана на војна од Албанците, ако оној во 2019 година доживеа потрес по грчките барања, сегашните промени ќе бидат според бугарски желби. Ништо не е изворно македонско, ништо оригинално. Само приспособување кон другите и по диктат на надворешни фактори.

Проблемот за обезбедување мнозинство гори само по прашањето на Бугарите

Другите спомнувани измени што се однесуваат за спроведување реформи во обвинителската и судската сфера, во децентрализацијата, во јавната администрација и во други области се само фрлање прав во очи за да се замагли преземената обврска за бугарското уставно учество во рамките на Република Македонија. Нема сомневање дека за реформите и за други потреби двотретинското мнозинство би се обезбедило за час, без големи дебати и општествени потреси, со учество и гласање од сите партии застапени во Собранието. Патот кон Европската Унија би бил целосно отворен и кристално чист, без никакви сегашни или пречки во иднина. Како што стојат сега работите, проблемот за обезбедување тоа мнозинство гори само по прашањето на Бугарите и за ништо друго. Сите други наводи како причина се само вешти измислици, политички трикови да се дојде до посакуваната цел.
Ако се седне сериозно, ако се остават настрана интересите на дневната политика, борбата за власт меѓу партиите и ако се анализираат сите аспекти и ставови што се за и против уставните измени, јасно ќе се види дека мнозинството граѓани се против. Според релевантни анкети, уставните измени се неприфатливи дури за 80 отсто од Македонците, односно за 65 отсто од сите граѓани. Исто така, 59 отсто од симпатизерите на владејачката СДСМ се против вметнување на Бугарите во Уставот.
Самите наведени проценти говорат дека во државата е постигнат висок степен на општествен и граѓански консензус по тоа прашање. Но тој не е онаков за каков што инсистираат Владата и странските промотори. Обратно од власта, природно, од волјата на граѓаните, самоникна консензус за непочнување на процесот на уставни измени со Бугарите во нив.

Пратениците ќе ги изневерат своите гласачи?

Владата сигурно ќе го има пред вид овој факт, иако некои оттаму даваат изјави дека нив не ги интересира мислењето на големото мнозинство од народот, туку нивното лидерско, лично. Доколку и натаму се гледа со презир кон мнозинските ставови, би се одвивала можна политичка драма под наслов „Владата против народот – народот против Владата!“. Слично може да се каже и за пратениците во Собранието. Гласајќи за такви промени, народните пратеници не би ги застапувале интересите на своите изборни единици, би ги изневериле своите гласачи, би застанале на спротивна страна од мнозинство на својот народ.
Не треба да биде срамота или некаков вид на пројавен национализам ако отворено се говори дека најавените измени во Преамбулата на Уставот со кои Бугарите би биле запишани како конститутивен народ допираат, ги тангираат исклучиво позициите на македонскиот народ во сопствената држава. Другите делови од народи што живеат во Македонија немаат никаква допирна точка, најмалку национална, историска, религиска или културолошка врска. Тие, на пример Албанците, од таквата промена може да имаат идна историска корист, никако штета. Оштетени може да бидат само Македонците. Ним дополнително им се стеснува националниот, политичкиот, социјалниот и кадровскиот простор во строго партизираната и национално поделената држава, а ќе подлежат и на други национални негативни последици.
Постои мислење што го пропагираат политичарите застапници на отстапките дека запишувањето на Бугарите е само просто, едноставно и техничко прашање, кое немало да се одрази врз општите односи во државата. Дека нема никаков проблем кон делови од народите наведени во сегашниот устав да се додадат и Бугарите, Хрватите, Евреите, Египќаните, Торбешите и други. Наводно немало никаква разлика.

Се вметнува и будалеста теза

Таа одглумена океанска политичка наивност или свесна глупост наоѓа место во ТВ-дебати, во новински коментари и колумни, во партиски соопштенија и на социјалните мрежи. За жал, и кај политички сончогледи што граделе кариери како антибугари и на тие темели добивале високи државни и партиски функции, амбасадорски места и биле добро материјално наградувани.
Дури има и една будалеста теза дека со внесувањето на Бугарите ќе се направела дистинкција и ќе се потврдело дека тоа се два различни народа – бугарски и македонски. Таа теза никако не одговара на реалните факти. Конечно, измените во Преамбулата не остануваат само на неа, туку неминовно предизвикуваат сериозни претумбувања и во нормативниот дел на самиот Устав.
Значи, позицијата и споредбата со другите народи и држави не се исти. Од сите држави во светот, само бугарската официјална политика е единствена што со децении не го признава македонскиот народ, неговиот автентичен идентитет, неговите историја, јазик и писмо. Царска Бугарија, бугарската Комунистичка партија порано и Народното собрание сега имаат донесено купишта документи, декларации, меморандуми, резолуции со кои се бетонираат тие негирања. Нивните историски, национални, културолошки и територијални претензии кон Македонија не се запрени. Наместо да гаснат, добиваат ново гориво. Така е и во науката и во образованието, сѐ до ден-денес.
Тие ставови не им ги наметнуваат само на Македонците овде. Нив обилно ги користат во кодошењето на Македонија во бриселските кабинети.
Исти, дури уште погруби ставови проповедаат и македонските Бугари, кои овде дома се профилираат како посебна етничка заедница во Македонија, дури различна од старите Бугари. Во недостојните, понижувачки постапки да се доближат до бугарските власти шират неверојатни лаги за нивната загрозеност или за наводната крвава судбина на нивните предци.

Во директна спротивност со АСНОМ

Впишувањето на Бугарите во Преамбулата ќе биде во директна спротивност со АСНОМ, еден од првите и најзначајни конститутивни елементи на македонската државност. Прашање е како тој „судир на историјата“ ќе биде решен, како ќе се најде формулата за помирување на два непомирливи историски факти. Значи, нешто ќе мора да се напише, а нешто ќе мора да се избрише. Искуството покажува дека АСНОМ досега повеќепати е бришен одошто допишуван, фигуративно речено.
Бугарија е искусна дипломатска држава, од времето кога била царство, преку комунизам до недовршена демократија. Обилно ги користи своите искуства, постепено но итро го спроведува она што го сака. Така ја извојува и победата постигната со францускиот предлог. Доколку влезат Бугарите во Уставот, властите на Македонија утре-другиден ќе се најдат во мат-позиција, ако денешната им е во шах-шех. Нема да спијат бугарските дипломати, политичари, претседатели на влади, претседателот на државата – ќе си ја тераат својата планирана политика до максимум.
Македонците допрва ќе го чувствуваат притисокот, редовно поддржуван од лицемерната ЕУ. Ескалацијата на нивните агресивни барања ќе се зголемува и шири на поголем простор отколку што денес може да се претпостави. Нивниот експанзионизам ќе добие нови крилја. Ќе следуваат глорифицирани манифестации на бугаризмот, никогаш нема да престанат со своите закани и уцени, ќе користат измислени проблеми, спорови и провокации, какви што сѐ почесто се случуваат. Почесто ќе користат сопирачки, ќе поставуваат стапици и пречки дури и таму каде што не може да се замисли.
Тоа право ќе го земаат и обилно користат врз основа на потпишаните протоколи, кои македонските власти ги прифатија крајно невнимателно и на македонска штета. Тука уште поважна улога ќе си преземе нивниот дел од Комисијата за историја, која не мрда ни педа од изразените ставови дека Македонците се продукт на Србите, на Тито, на Евреите, на Русите преку Коминтерната и на сите заедно. Тапаните дека Македонците се измислена нација ќе чукаат посилно одошто го прават тоа во последно време.

Се гради мрежа на паралелна администрација

Не мора да се за верување, но не се и за отфрлање, одделни сознанија и информации дека Бугарија преку амбасадата, преку своите клубови, организации, здруженија, портали и вклучени поединци создава мрежа на паралелна администрација различна од интересите на македонската. Тие бази, како што се клубовите „Цар Борис Трети“ во Охрид, „Ванчо Михајлов“ во Битола и други во други градови, денес се само првите ископани ровови од кои некој нареден ден ќе се појави силна пропагандна антимакедонска војска. Кај нив нема сомневање дека тоа, кај и да е, ќе се случи.
Не треба да се докажува дека актуелната македонска власт ги има прифатено повеќето бугарски барања проткаени низ наводниот предлог на францускиот претседател Макрон и потпишаниот протокол. Македонските претставници во тие преговори беа толку слепи што не го видоа, или намерно не сакаа да го видат, слонот што им беше протнат пред нивните очи. Тој слон сега тешко ќе го туркаат со голи раце и без туѓа помош. Ако се имаат пред вид тие тешкотии, зачудува лежерноста со која ја објаснуваат можната историска пресвртница, користејќи реторичка еквилибристика научена од нивните ментори. И покрај тоа што јавно изјавуваат дека прифатениот предлог не е баш најдобар, дека не е праведен, дека е фрустрирачки, дека е голтање жив еж, дека е сечило во стомакот, бараат народот сето тоа да го издржи, да го поднесе, макар се ширела неподнослива реа. Иако нема логика, иако е на сопствена штета, мора да се спроведе.
Водечкиот оперативен дел што треба да ја изврши наредбата – Бугарите во Уставот – го сочинува триумвиратот Ковачевски, Османи, Маричиќ, во содејство со Али Ахмети и некаков иден европски сојуз. Ако се формира, како што е најавено, мнозинството Македонци ќе бидат малцинство, односно на маргините на одлучувањето. Најверојатно кон оваа група, заради многу интереси, политички и лични, ќе се приклони и претседателот Стево Пендаровски, иако засега, коректно, не подлегнува на егзалтацијата на младите бројлери испилени од европскиот инкубатор.
Тежината и одговорноста на изборот ЗА или ПРОТИВ Бугарите во Уставот во прв план и на свои плеќи ги носи Социјалдемократскиот сојуз како застапник на македонскиот народ во мултинационалната влада и во Собранието. Како што албанските владини претставници и собраниски пратеници цврсто и непоколебливо ги бранат интересите на својот народ, би било нормално да се очекува со истата енергија и страст македонските да ги бранат националните интереси на Македонците. Зашто, да повториме, приемот на Бугарите на државната трпеза ги тангира и ги загрижува само Македонците и никого друг.
Од СДСМ и од други центри како претерани, фиктивни и небулозни ги оценуваат мислењата дека може да дојде до асимилација и бугаризација на македонскиот народ доколку Бугарите бидат запишани во Преамбулата. Но и различните мислења од нивните, односно дека може да се одвиваат такви процеси, не се без основа. Тие се плод на вековно историско искуство почувствувано на националната македонска кожа.

[email protected]