Поучна приказна за еден просечен патник

Очигледно, веб-страниците на некои од државните претпријатија служат само на нив да се пласираат што поголеми фотографии на насмеаните лица на директорите. А за информациите што се од интерес на граѓаните, е па, истите тие граѓани ќе мора да се снаоѓаат. Или да ѝ веруваат на својата интуиција. А да, и да не заборават редовно да плаќаат данок и сите давачки кон државата. За да можат сите овие „наши деца“ што треба да се грижат за пополнување и одржување на веб-страниците на буџетските институции редовно да си земаат плата

Просечен Македонец деновиве се наоѓа пред Хамлетовска дилема – да им се верува на медиумите или не. Се разбира, во случајов не мислам на оние традиционалните, професионалните, сериозните, одамна етаблираните, кои секогаш го имаат во прв план својот читател, гледач или слушател и кои водат строга грижа, проверка на фактите за содржините што ги пласираат. Мислам, пред сѐ, на оние што во беспоштедната трка за освојување консументи, кои подоцна можеби, веројатно би им овозможиле полесен пристап до рекламерите, најмалку се грижат за она што го пласираат на своите гласила. Какви и да се.
Но не му е лесно на еден просечен Македонец да дојде до вистината, односно да „пресече“ – дали ќе им верува на своите сетила по примената информација или, пак, ќе ѝ верува на интуицијата дека тука нешто не е во ред.
Еве, само еден мал пример од деновиве. Неколку медиуми објавија вест дека јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“ ја ограничило брзината на возовите на делницата Скопје – Велес и обратно. Засега не е позната причината за ваквата одлука на претпријатието, но тоа предизвика револт кај граѓаните, кои се загрижени дека тоа ќе придонесе за ново доцнење на патничките возови. Во веста дури се додава дека максималната брзина на пругата Скопје – Велес меѓу станиците Рајко Жинзифов и Велес ќе биде 20 километри на час и тоа ќе важи до отповикување на таквата одлука, соопштиле од претпријатието.
И сега, тој истиот просечен Македонец од почетокот на приказнава, кој по игра на случајот посака со воз да оди за Велес, си вели – како тоа 20 километри, кога соседиве веќе напреднаа со брзи пруги каде што брзината е 200 километри, како ние се вклопуваме во тие трансбалкански пруги, каде што, нели, се најавува дека набргу ќе се вклучиме полноправно. Додуша не сега веднаш, тоа за некоја година, ама сепак со 20 километри на час не се минувало ниту пред 150 години, кога била отворена пругава.
Башка, црвот кај него веќе сериозно се буди и врти, врти… бидејќи токму истиот тој ден огромен дел од медиумите „загризаа“ во наводно проверената вест за пропаѓање нов камион на градскиот плоштад во Скопје, па токму затоа и неверувањето на веста за „македонскиот супебрз воз“.

Инаку, за недоволно упатените, фотографија од пропаднат камион на плоштадот „Македонија“ во Скопје, од несреќа што се случи на 23 ноември минатата година, измами дел од македонските медиуми, кои во средата ја споделија како вест за нов инцидент на градскиот плоштад. За среќа, овие срамни текстови набргу потоа беа повлечени по осознавањето на грешката, но бруката не остана незабележана. За да биде срамот поголем, никој од оние што ја објавија фотографијата како поткрепа на текстот не забележаа дека на фонтаната веќе извесно време стои црвено-белата сигнализација, што не се забележува на старата фотографија.
Но, сепак, да се вратиме на веста за возот. Изненаден и збунет граѓанин ја проверува веста во два-три медиума што објавуваат речиси идентична вест, без некоја посериозна поткрепа. Единствена трага е дека веста произлегува од „Македонски железници – инфраструктура“, но од таму нема никакви дополнителни објаснувања. Кај љубопитниот обичен граѓанин, кој има потреба да го користи возот кон Велес, се јавува немир. Следен чекор е да се провери самиот извор. И види чудо. На официјалниот сајт на „Македонски железници – инфраструктура“ за сето ова нема ниту збор. Последната информација таму е од 11 август 2022 година.

Подобро би било овде да прескокнам малку, сепак да не пренесувам што и како си помисли обичниот патник што посака по долго време да се качи на воз и да замине за Велес. Само како дополнение, да ја привршиме оваа просечна, македонска приказна. Имено, иако како извор на основната вест беа наведени „Македонски железници – инфраструктура“, сепак нашиот јунак реши да прочепка и малку пошироко, да провери да не ја има потврдата за чудната вест на некој друг, сроден извор, поточно да ја види причината за драстичното намалување на брзината на возовите.
Затоа, тој се упати на официјалната страница на „Македонски железници – транспорт“, каде што според некоја логика би можело да има некаква корисна информација за новородениот проблем. Но ни таму нема ништо такво. Последната обновена, апдејтирана демек, вест таму е од 9 јануари годинава. Очигледно, веб-страниците на некои од државните претпријатија служат само на нив да се пласираат што поголеми фотографии на насмеаните лица на директорите. А за информациите што се од интерес на граѓаните, е па, истите тие граѓани ќе мора да се снаоѓаат. Или да ѝ веруваат на својата интуиција.
А да, и да не заборават редовно да плаќаат данок и сите давачки кон државата. За да можат сите овие „наши деца“ што треба да се грижат за пополнување и одржување на веб-страниците на буџетските институции редовно да си земаат плата.
Спомнатите државни институции се случајно избрани, затоа што граѓаните имаа потреба во случајов да дознаат корисна и потребна информација. Списокот на оние што и самите имаат заборавено дека имаат веб-страници, а последните измени се направени којзнае кога, е навистина долг. Секој од нас секојдневно се среќава со нив. За жал.