Фото: Игор Бансколиев

Претставниците на меѓународната заедница сѐ почесто настапуваат со „покајнички наративи“ дека „ЕУ многупати не била праведна спрема Македонија“. Но, сепак, тие продолжуваат настојчиво во насока да се направат уставните измени, за „сами да не сме си ги попречувале евроинтеграциите“?! Гледано и слушано од македонски аспект, по сите искуства со изневерени ветувања од претставниците на ЕУ за Македонија, ваквите изјави на европските претставници наликуваат на нова форма на притисок за некого со „признавање на сопствените грешки, но без гризење на совеста“, т.е. Македонија да направи нешто што не сака и за кое е свесна дека оди во прилог на нејзина штета…

ЕУ признава дека ниту е ниту била фер спрема Македонија, а сепак бара нови отстапки

Предизвикот на уставните измени од францускиот предлог за преговарачката рамка на Македонија со ЕУ сѐ повеќе го покажува потенцијалот за предизвикување многу различни заплети во македонскиот политички амбиент. Партиите, гласно, но и тајно калкулираат со процесот на дебата за придобивките и последиците во ЕУ-перспективите за Македонија од (не)усвојувањето на уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата, најмногу во контекст на нивните шанси за опстанување или освојување на власта. Анкетите покажуваат висок процент на незадоволство и скептицизам во јавното мислење за придобивките за евроинтегративниот пат на Македонија со усвојувањето на уставните измени.
Претставниците, пак, на меѓународната заедница во последно време сѐ почесто настапуваат со „покајнички“ наративи дека „ЕУ многупати не била праведна спрема Македонија“, но сепак тие настојуваат да се направат уставните измени, за сами да не сме си ги попречувале евроинтеграциите… Дали е тоа нова форма на настап на меѓународната заедница кон Македонија, покајничка, но сепак форма на мек притисок?

Признание и за нестандардност на македонската преговарачка рамка, а Бугарија се однесува навредливо и агресивно кон Македонија

Неодамна, потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, оцени дека Македонија, како и сите земји од регионот, е цврсто на патот кон ЕУ и дека процесот на европеизација на Балканот е неповратен.
– Сега е моментот кога регионот треба да биде европеизиран, наместо ЕУ да биде балканизирана, како што многупати се случувало во минатото… Македонија е пример каде што мислам дека ЕУ не беше секогаш многу фер, бидејќи побаравме многу различни работи, а вие ги испорачавте. Сега треба да преминеме на следното поглавје, а тоа е отворање на преговорите по поглавја и затворање на овие поглавја откако ќе ги спроведете уставните измени на кои се обврзавте. Значи, сè на сè, позитивен момент за Македонија – мотивирачки настапува во едно интервју потпретседателот на ЕК, Маргаритас Схинас.
Главно пренебрегнувајќи го фактот за целосната нестандардност на македонската преговарачка рамка (конципирана во францускиот предлог), со неколкукратно отстапување од Копенхашките критериуми за проширување на ЕУ, европските политичари настојуваат дека и покрај агресивното и навредливо однесување на Бугарија, спорот треба да се надмине. Секако, со отстапки од македонска страна и внесување на Бугарите во македонскиот устав. Меѓу другите што дојдоа со такви пораки е и министерот за Европа на германската покраина Северна Рајна Вестфалија, Натанаел Лимински, кој, како што вели, дошол да испрати сигнал дека силно верува во ЕУ-членството на Македонија.
– Мораме да пратиме сигнал, зашто можам да разберам дека скептицизмот расте кон процесот на приклучување, бидејќи веќе поминаа 18 години во кои Македонија е кандидат за членство во ЕУ. Годинава ќе биде критична и клучна за членството на Македонија во ЕУ, бидејќи имаме консензус дека треба да има уставни промени до ноември. Иако морам да кажам дека мислам дека Бугарија се однесува навредливо и агресивно кон Македонија, сепак, мора да се реши проблемот. Но покрај тоа, мора да покажеме дека има јасен распоред и рамка за членство на Македонија во ЕУ за да ја задржиме довербата во процесот и јас, како министер за меѓународни работи во најголемата покраина во Германија, сум тука да го пратам сигналот – порача Натанаел Лимински.

Во услови кога немаше јасни насоки за интеграција во ЕУ, во име на евроинтеграциите се направија чекори во насока на национална штета на Македонија

Гледано и слушано од македонски аспект, по сите искуства со изневерени ветувања од претставниците на ЕУ за Македонија, ваквите изјави на европските претставници наликуваат на стратегија со „признавање на сопствените грешки, но без гризење на совеста“, како форма на притисок за некого, т.е Македонија да направи нешто што не сака и за кое е свесна дека оди во прилог на нејзина штета.
– Таквите „убедувачки“ позиции на евробирократите за уште отстапки од Македонија во име на евроинтеграциите произлегуваат од увереноста дека сѐ уште поголем процент од граѓаните сака и понатаму да бидеме дел од ЕУ. Навистина, поддршката за ЕУ од македонските граѓани е намалена во однос на времето од пред пет-шест години, пред изневерените ветувања од Брисел за нашите евроинтеграции по потпишувањето на Преспанскиот договор (и низа други лоши политички процеси на внатрешен план), но и понатаму голема и јасна е определбата дека сакаме да се движиме кон ЕУ, но во достоинствен, рамноправен и принципиелен процес како за сите земји што претходно станале членки. Проблемот е повеќе во ЕУ, што не знае што сака да прави со нас – не само со Македонија туку и со сите шест земји од регионот на Западен Балкан. И вакви какви што сме во мигов (со најниска доверба во правосудството, висока корупција, елементарно лоши образовни и здравствени политики), ако во ЕУ има политичка волја да бидеме интегрирани – процесот на пристапување ќе се одвива со експресна брзина.
Наспроти таквата можност, ние постојано се вртиме во круг со ЕУ-наративите и празните фрази на евробирократите, кои не можат да го совладаат доминантното чувство во македонската јавност дека сме направиле големи отстапки, за фактички ништо да не добиеме. Сѐ повеќе во македонската реалност преовладува чувството дека дури и (еве, хипотетички) да ги исполниме сите нерационални и непринципиелни барања и на Бугарија и на ЕУ, да ги внесеме и Бугарите во Уставот, да се откажеме и од македонската историја, јазик, идентитет…, дека повторно нема да направиме чекор поблиску до членството во ЕУ.
Најперверзно во целата оваа и така изопачена ситуација е што тоа им е јасно и на оние што нè убедуваат (и од надвор, но и политички експоненти од внатре) да направиме уште некоја отстапка за да се придвижиме кон ЕУ. На сите ни е многу јасно дека со какви било отстапки во име на евроинтеграциите ѝ се прави национална штета на Македонија, во услови кога нема јасни насоки за нашата интеграција во ЕУ, а и ЕУ нема јасна визија за сопствените патеки на развој во иднина – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.