Дел од нив биле спортисти, дел од нив студенти, дел од нив матуранти, но сите пред вратата на младоста, спремни и мотивирани да почнат да го живеат животот со полни гради. Сакам да изразам големо сочувство до семејствата на загинатите и да повикам на сплотеност и поддршка, изјави македонската каратистка Костовска

ВЕРОНИКА КОСТОВСКА, МАКЕДОНСКА КАРАТИСТКА

Навистина сум погодена од оваа ситуација. Во шок и неверување ја примив веста за пожарот во дискотеката и за загубата на толку млади животи, ни изјави каратистката Вероника Костовска.
Таа веста за трагедијата ја дозна во Кина, каде што настапи во Премиер-лигата во карате.
– Дел од нив биле спортисти, дел од нив студенти, дел од нив матуранти, но сите пред вратата на младоста, спремни и мотивирани да почнат да го живеат животот со полни гради. Еднакво жално за сите, жално за моите колеги спортисти, кои исто како мене гордо и достоинствено ја претставувале нашата држава. Можеби единствениот слободен викенд меѓу тренинзите и натпреварите го искористиле да се дружат и да испеат песна со нивните другари. Голема трагедија. Македонија изгуби идни спортисти, математичари, економисти, адвокати. Одговорност мора да има, години на молк секогаш доведуваат до минута молк. Во овие тешки моменти треба да бидеме сплотени како нација… Сакам да изразам големо сочувство до семејствата на загинатите и да повикам на сплотеност и поддршка – ни изјави македонската каратистка Костовска. Г.И.