БОКС – ТЕШКА КАТЕГОРИЈА
Украинскиот боксер Олександер Усик (37) го победи Британецот Тајсон Фјури (35) со одлука на судиите од 2-1 (115-112, 114-113 и 113-114) во спектакуларен меч во тешка категорија во 12 рунди на рингот во Ријад (Саудиска Арабија).
Како решавачка се покажа деветтата рунда, во која Британецот еднаш беше и во нокдаун. Украинецот со оваа победа стана боксерски шампион со четири појаси во тешка категорија, односно ги обедини светските титули во верзиите ВБА, ВБО, ИБФ и ВБЦ.
Усик и претходно беше носител на трите појаси, а сега го придодаде и четвртиот (ВБЦ). Тој е првиот боксер по речиси 25 години што успеал да се издигне како единствен светски првак во тешка категорија.
Фјури (35) првпат загуби во својата 16-годишна професионална кариера (има и 34 победи и едно реми), а Усик со овој успех ја оствари својата 22. победа и уште нема пораз на рингот. Г.И.