Македонската машка и женска шаховска репрезентација, забележаа убедливи порази во 10-то претпоследно коло на 44. Шаховска олимпијада (ШО) во индискиот град Ченаи, што се одигра попладнево. Шахистите, рангирани 61-ви пред почетокот (2.389 просечен рејтинг), од 187 селекции со вкупно 937 шахисти (235 велемајстори), не успеаја да приредат изненадување против посилниот Египет, рангиран 38-ми (просечен рејтинг 2.530 поени), загубувајќи со 0,5-3,5. Единствено успеа да ремизира ИМ Тони Лазов на третата табла во еднаква позиција на кралици. Шанса за реми или победа имаше ИМ Никола Николовски на четвртата табла, но во бурна партија со неколку пресврти и непрецизни потези, најпрво имаше загубена позиција, па потоа партијата му беше добиена, за да на крајот во потег повторно дојде пред пораз. Порази доживеаја и ВМ Звонко Станојоски на првата и ФМ Емил Ристески на втората табла.
Женската репрезентација пак, рангирана 71-ва (1.863) од 161 репрезентации со 798 натпреварувачки (15 ВМ), загуби со високи 0-4 против посилната селекција на Мексико, рангирана 54-та (просечен рејтинг 2.005 поени). Леа Ефтовска на четвртата табла во добиена позиција со непрецизна игра успеа да ја расипе позицијата и на крајот да загуби. Шанси за реми имаше и Ивана Манова на втората табла, но во непрецизно одиграна до крај топовска завршница, на крајот остана со два пиуна помалку. ЖФМ Моника Стојковска и Драгана Николовска исто така претрпеа порази.
За мажите, под водство на селекторот Трајко Недев, ова беше четврти пораз на ШО и останаа на 11 екипни бода (22,5 по табли), со што сигурно ќе го расипат пласманот, кој пред ова коло беше на солидното 46-то место. Шахистките пак, предводени од селекторот Љубиша Андоновски, го впишаа петтиот пораз и сега со 10 екипни бода (18,5 по табли), ќе паднат подоле на табелата, на која пред ова кола беа на 66-то место. Ако сакаат да остварат подобар пласман од моментниот и двете македонски селекции ќе мора утре во последното коло да забележат победи. Останатите партии од ова претпоследно 10-то коло, се уште беа во тек. Г.И.
МАКЕДОНИЈА – ЕГИПЕТ 0,5-3,5
ВМ Звонко Станојоски (2.412) – ВМ Басим Амин (2.680) 0-1 (47 потези)
ФМ Емил Ристески (2.405) – ВМ Ахмед Адли (2.582) 0-1 (69)
ИМ Тони Лазов (2.374) – ВМ Адхам Фавзи (2.471) реми (33)
ИМ Никола Николовски (2.366) – ИМ Карим Вагеих (2.387) 0-1 (46)
МЕКСИКО – МАКЕДОНИЈА 4-0
ЖИМ Зениа Коралес (2.143) – ЖФМ Моника Стојковска (2.091) 1-0 (47)
Сандра Гуилен (1.962) – Ивана Манова (1.849) 1-0 (72)
ЖКМ Амејали Авила (1.907) – Драгана Николовска (1.876) 1-0 (41)
Софија Хернандез (1.751) – Леа Ефтовска (1.634) 1-0 (52) 1-0 (40)