Победникот Станојоски со семејството Попови

ШАХ – ВТОР МЕМОРИЈАЛЕН ТУРНИР „ВЕНЦИ ПОПОВ“

Македонскиот велемајстор (ВМ), член на ШК Алкалоид и репрезентативец Звонко Станојоски (2.335 рејтинг-поени, рангиран трет пред почетокот), е победник на вториот меѓународен меморијален шаховски турнир во забрзан шах „Венци Попов“, кој во чест на истакнатиот македонски и гевгелиски шахист се одигра во Гевгелија, во одлична организација на семејството Попови и ШК 7 Ноември од Гевгелија.
Во конкуренција на 132 шахисти (еден ВМ, четири ИМ, пет ФМ, еден ЖФМ) од Македонија (118), Грција (осум), Бугарија (пет) и од Хрватска (еден), од кои девет шахистки, по девет одиграни кола (со темпо од 10 минути плус пет секунди за секој потег по играч), Станојоски освои 7,5 поени (шест победи и три ремија). Ист број на поени имаа уште членот на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, ИМ Никола Николовски (2.374, рангиран втор), и ИМ од Бугарија, Сашо Николов (2.212, рангиран осми), но според дополнителниот критериум, Станојоски (кој лани беше трет н.з.) е прв, Николовски втор, а Николов трет. Четврти заврши членот на ШК Алкалоид, ИМ Тони Лазов (2.323, рангиран четврти) со седум поени итн. Минатогодишниот победник ИМ Филип Панчевски (2.435, рангиран прв) од ШК Алкалоид, со 6,5 поени го освои осмото место. Вкупниот паричен награден фонд (поделен на 10 дела и три специјални награди) изнесуваше 105.000 денари, а победникот заработи 20.000 и пехар.
Најуспешна шахистка е репрезентативката,ЖФМ Моника Стојковска (2.036), која со шест поени е 21., пред Моника Жежовска (1.814) со 5,5 поени на 26-то место. Најуспешен гевгелиски шахист е Петар Димов (1.823), кој со шест поени е 22., додека најдобар играч до 18 години е охриѓанецот Константин Лушески (1.880), исто така со шест поени, доволни да го освои 17-то место. Паричните награди и пехари на најдобрите 10 шахисти им ги доделија членовите од семејството Попови. Г.И.