Првенството се одржа во базенот „Борис Трајковски“ во Скопје, а во сите три конкуренции настапија по четири екипи. „Радува фактот што има напредок кај младите клубови“, вели координаторот на стручниот штаб на клубот Локомотива, Боро Стефановски
ВАТЕРПОЛО – ЗИМСКО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ЗА ПИОНЕРИ, КАДЕТИ И СЕНИОРИ
Локомотива во пионерска конкуренција (до 13 години), Вардар 8 во кадетска (до 15 години) и Младост во сениорска конкуренција се екипни шампиони на Зимското првенство на Македонија во ватерполо, кое се одржа во базенот „Борис Трајковски“ во Скопје, а на кое настапија по четири екипи во сите три конкуренции. Кај пионерите во финалето Локомотива го совлада Вардар 8 со 10-8, кај кадетите Вардар 8 беше поуспешен од Локомотива со 9-6, а кај сениорите Младост славеше на дуелот со Локомотива со 10-8.
– Првенството во сите три конкуренции помина во најдобар ред, а се одигра во Скопје, оти тука имаме најдобри услови за работа. Радува фактот што има напредок кај младите клубови, а такви имаме четири. Очекувам наскоро да ни се приклучат и Охрид и Струга, која има зимски базен, и да учествуваат на следното првенство на Македонија. Младите ватерполисти ги гледаа нивните родители, кои потоа изразија задоволство од она што го видоа во базенот и уште еднаш се уверија дека ватерполото е здрав спорт. Ова, пак, секако ќе привлече уште повеќе млади деца да тренираат ватерполо – ни изјави координаторот на стручниот штаб на клубот Локомотива, Боро Стефановски.
Стефановски особено го радува тоа што повторно се врати во базенот генерацијата играчи 1991-1993, од која може многу да се научи, и тоа што во овие четири клуба се работи во сите млади категории.
– Младост играше со ватерполисти што пред 10 години беа во репрезентацијата, како членови на Работнички и двајца од тогашна Локомотива. Тие се собраа како една екипа и настапија во сениорска конкуренција (генерација 1991-1993 год.), а другиот финалист беше Локомотива (2006-2008 год.), така што практично играа сениори против младинци, а сениорите минимално победија, со 10-8. Турнирот успешно го судеа нашите интернационалци Ристо Дамчевски и Небојша Стајковиќ – рече Стефановски. Г.И.
ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА
ПИОНЕРИ: Локомотива 8 – Младост 12-3, Про Кидс – Вардар 8 0-15. За трето место: Про Кидс – Младост 2-4. Финале: Локомотива – Вардар 8 10-8
КАДЕТИ: Про Кидс – Локомотива 0-14, Младост – Вардар 8 0-14. За трето место: Младост – Про Кидс 5-2. Финале: Локомотива – Вардар 8 6-9
СЕНИОРИ: Младост – Вардар 8 11-8, Локомотива – Про Кидс 9-3. За трето место: Про Кидс – Вардар 8 10-0 (служ.). Финале: Младост – Локомотива 10-8