Монументален настан утре ќе ги обедини шахистите од секој агол на светот, откако Светската шаховска федерација (ФИДЕ), по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на шахот и на 100-годишнината од основањето на ФИДЕ, поставува голем предизвик во обид да се постави Гинисов рекорд за најмногу одиграни партии шах за 24 часа, пишува Светската шаховска федерација.
– Од улиците во градовите до дигиталните арени, од училниците до големите сали, светот ќе стане шаховска табла. Без разлика дали сте велемајстор или почетник, вашиот потег може да направи историја. Играјте онлајн најмалку една петминутна партија на една од платформите или апликациите што се придружуваат на обидот за поставување Гинисов рекорд, од полноќ на 20 јули 2024 година во следните 24 часа. Побарајте го најблискиот настан за играње на табла што ќе се приклучи на обидот за поставување Гинисов рекорд и учествувајте во него – пишува Светската шаховска федерација. Н.М.