Илија Стошевски е на чекор до триумф на третиот турнир на шаховскиот фестивал „Незаборав за хероите“, во чест на јубилејот 80 години од ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, на кој настапуваат само шахисти што не се помлади од 60 години. Тој на првата табла во дербито на колото вчера ремизира со ФМ Љубомир Илиќ, со што ја задржа водечката позиција на табелата.
– Илиќ иако со црни фигури тргна во напад многу ризично. Успеав да го одбијам налетот со неколку енергични потези. Кога можев да сторам и нешто повеќе, сепак, тактички понудив реми, кое ми одговараше, а, пак, веднаш беше прифатено од ривалот – ни изјави Стошевски.
Голема борба се водеше на втората табла, каде што се играше една од најострите варијанти на „француска одбрана“, која ФМ Александар Кралевски со успех ја игра. Но овој пат пред себе имаше добро теоретски подготвен противник, кој освои пешак и во топовска завршница успеа технички да ја реализира предноста. ФМ Јани Богоевски со своето искуство го победи Борислав Ахчиев, кој не успеа да ја одржи динамичката рамнотежа. Денеска на распоредот беше последното седмо коло, а дербито беше помеѓу Стошевски и Андонов.
Резултати 6. коло: Стошевски (2015) – ФМ Илиќ (2.073) реми, ФМ Кралевски (2.015) – Андонов (2.119) 0-1, Ахчиев (1.690) – ФМ Богоевски (2.160) 0-1, Ташевски (1.960) – ФМ Хаџи-Манев (1.951) реми, Трајковски (1.917) – Голубовиќ (1.705) 1-0, Томов – Цветковски (1.737) 0-1, Јовановски (1.854) – Кромов (1.693) 1-0, Спасовски (1.836) – Топалов (1.668) 1-0.
Табела: Стошевски 5, Андонов 4,5, ФМ Илиќ и ФМ Богоевски по 4, ФМ Кралевски, Трајковски, ФМ Хаџи-Манев и Цветковски сите по 3,5, Ташевски, Јовановски и Ахчиев сите по 3, Голубовиќ 2,5, Спасовски 2, Томов 1,5, Кромов и Топалов по 1 поен.
Г.И.