Со овој голем успех во возрасната категорија помлади сениори тој само го продолжи својот континуитет на освоени медали на светските првенства, почнат пред две години во Турција, кога освои сребрен медал

КАРАТЕ

Македонскиот репрезентативец и член на скопскиот клуб Макпетрол, Стефан Стојановиќ (категорија над 84 кг), предводен од селекторот Петар Белистојаноски, постигна огромен успех на Светското првенство (СП) во карате за кадети, јуниори и за помлади сениори (до 21 година) во Венеција (Италија), откако во борбата за третото место го победи со 3-2 германскиот претставник Николаи Секот. Тој претходно се стекна со можност за репасажна борба, по полуфиналниот пораз од Италијанецот Матео Аванцини. Со овој голем успех во возрасната категорија помлади сениори тој само го продолжи својот континуитет на освоени медали на светските првенства, почнат пред две години во Турција, кога освои сребрен медал.
– Конкуренцијата беше многу силна. Секако, очекував злато, одлучуваа нијанси. Со Италијанецот борбата заврши 3-3, но поради прв освоен поен од негова страна, тој ја извојува победата. Борбите за медал секогаш се неизвесни. Мислам дека пресуди моето искуство и во последните секунди успеав да освојам поен и со тоа победа.

Секако дека ова е голем и историски успех за македонското карате, бидејќи ова ми е второ СП во низа како освојувам медал. Ова е голем успех и за мојот матичен клуб Макпетрол, со што докажавме уште еднаш дека сме каратисти за светски и европски медали – ни изјави Стојановиќ.
Во Венеција, Стојановиќ во првото коло го победи Алишер Таижан од Казахстан со 1-0, во второто беше подобар од Константин Ковуров со 2-1, во третото го совлада Етан Смол од Канада со 4-1, во полуфиналето несреќно загуби од Матео Аванзини, бидејќи противникот прв освои поен, откако резултатот во регуларниот тек беше нерешен 3-3.
Од другите настапи на македонските каратисти, за обележување е седмото места на Душица Бреслиева, во конкуренција на кадетки, која оствари две победи и еден пораз, во репасажот ја совлада Луци Буковска од Чешка (3-0), но во борбата за евентуален меч за бронзен медал загуби од Адријана Бојаџиева (0-4) од Бугарија. Седмо место освои и јуниорот Нуредин Дервиши во кати, забележувајќи три победи, а во настапот за пласман во полуфиналето беше поразен од Канаѓанецот Метју Груитија, а притоа и не се стекна со репасажна можност. Македонската репрезентација во Венеција во сите конкуренции настапи со вкупно 35 каратисти, меѓу 1.991 натпреварувач од 113 држави во светот. Г.И.