Машкиот јуниорски тим во борби се бореше за влез во финалето, односно обезбеди најмалку бронза

КАРАТЕ – ПО ПРВИОТ ДЕН НА МЕДИТЕРАНСКОТО ПРВЕНСТВО

Каратистите Андреј Басаров (над 76 кг) и Бесарт Мемети (до 55 кг) освоија сребрени медали, додека Или Билјали (до 68 кг) се закити со бронза, по првиот ден на Медитеранското првенство во карате во тунискиот град Радес, во конкуренција на 447 каратисти од 19 држави. Јуниорскиот машки тим, пак, освои најмалку бронза, а за влез во финалето требаше да се бори против подобриот тим од дуелот Мароко-Тунис.
Басаров во борбата за златниот медал беше поразен од Тунижанецот Јусуф Јериди со 2-3, но по прегласување на судиите (откако резултатот во регуларниот дел беше 0-0), а Мемети од Ихеб Ферчичи исто така од Тунис со 0-1. Или Билјали за бронзениот медал го победи Србинот Стефан Милуновиќ со 3-1.
Вчера на распоредот беше вториот и последен ден на првенството, на кое боите на Македонија ги бранеа вкупно 22 каратисти/ки (21 во борби и една натпреварувачка во кати), како и четири екипни тима, од кои два во јуниорска и два во сениорска конкуренција (момци и девојки). Репрезентацијата во Тунис ја предводеа селекторите Александар Кузмановски (борби) и Берат Јакупи (кати). Г.И.