Победата круниса одлична фаза за српската женска одбојка, бидејќи репрезентацијата имаше огромен успех во претходните шест години, освојувајќи по две светски титули, олимписки медали (сребро во 2016 година и бронза лани) и европски титули (во 2017 и во 2019 година) и бронза во Лигата на нации (2022), пишува ФИВБ

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА ОДБОЈКАРКИ

Репрезентацијата на Србија ја одбрани титулата светски првак на 19-то Светското првенство (СП) за одбојкарки, кое се играше во Полска и во Холандија, со победата над Бразил со 3-0 (26-24, 25-22, 25-17), во финалето во Апелдорн (Холандија). Србија ја освои првата титула на Мундијалот во 2018 година, игран во Јапонија. Српските одбојкарки го заокружија СП 2022 со 12 победи на исто толку натпревари.
Бронзениот медал го освои репрезентацијата на Италија, откако во мечот за третото место ја победи селекцијата на САД со 3-0 (25-20, 25-15, 27-25). За Бразил ова беше четврто сребро на светските првенства (1994, 2006, 2010 и 2022), а има и една бронза (2014 година). Италија, пак, сега има по еден од трите медали (злато во 2002 година, сребро во 2018-та и бронза во 2022 година).
Четвртата победа на Србија над Бразил во 22 меѓународни средби ја направи само шестата репрезентација што победува на две светски првенства во низа. Девет одбојкарки што беа дел од составот што ја освои титулата во 2018 година беа во составот и во триумфот на СП 2022, сега под водство на селекторот Даниеле Сантарели од Италија, пишува Светската одбојкарска федерација (ФИВБ) на својата интернет-страница.

– Јас сум без зборови. Овие девојки, овој тим, оваа енергија… Го направивме тоа без да загубиме ниту еден натпревар. Многу сум среќна и горда што сум дел од овој тим. Сакам да им се заблагодарам на сите што нѐ поддржуваа овие три недели, особено на моето семејство – изјави капитенката Тијана Бошковиќ.
Победата, исто така, круниса одлична фаза за српската женска одбојка, бидејќи репрезентацијата имаше огромен успех во претходните шест години, освојувајќи две светски титули, два олимписки медали (сребро во Рио де Жанеиро во 2016 година и бронза во Токио лани), две европски титули (во 2017 и во 2019 година) и бронзен медал во Лигата на нации (2022), пишува ФИВБ.
Бошковиќ беше избрана за најдобра одбојкарка (МВП) на Светското првенство, а тој индивидуален трофеј го освои и на минатото СП, во 2018 година, во Јапонија. Тaa е само втората одбојкарка што ја освоила наградата МВП на СП повеќе од еднаш, повторувајќи го она што Кубанката Регла Торес го постигна во 1994 и 1998 година, пишува Светската одбојкарска федерација (ФИВБ) на својата интернет-страница.
Бошковиќ е една од трите српски репрезентативки избрани во дрим-тимот на турнирот, во кој се и Бојана Дрча и Теодора Пушиќ, како и Бразилките Габриела Гимараеш и Ана Каролина да Силва и Италијанките Мирјам Сила и Ана Данези.
Тоа беше петтото признание МВП што Бошковиќ го освои на голем репрезентативен или клупски турнир. Покрај двата трофеи на СП, таа беше избрана и за најдобра одбојкарка на Светското клупско првенство во одбојка за жени во 2016 година и на Европското првенство во 2017 и во 2019 година, пишува ФИВБ.