ФК Андора – клуб со ДНК слична на Барселона

ФК Андора е основана во 1942 година, но никогаш не играла над третото ниво во Шпанија до сезоната 2022/2023. До декември 2018 година, клубот играше во регионалните лиги, а потоа беше купен од Космос холдингс на Пике во 2019 година како клуб од петтата лига, инспирирајќи моментен пресврт. Речиси четири години подоцна, клубот е во Втората лига, па извонредната четврта промоција во пет сезони и средбата со Барселона на Пике, можеби не се далеку

ФУДБАЛ – КЛУБОТ НА ЖЕРАР ПИКЕ ОД ПЕТТАТА ЛИГА НА ШПАНИЈА СТИГНА НА ЧЕКОР ДО ПРВАТА

Жерар Пике можеби полека ја завршува својата играчка кариера во Барселона, но неговата кариера како сопственик на фудбалски клуб почнува да расте, пишува „Би-би-си“. ФК Андора беше купена од Космос холдингс на Пике во 2019 година како клуб од петтата лига. Речиси четири години подоцна, клубот е во Втората лига на шпанскиот фудбал, Ла лига 2. По 10 кола, клубот има 15 бода и е на деветтото место, три места подолу од местата на табелата што носат пласман во плејофот за пласман во Ла лига. Извонредната четврта промоција во пет сезони и средбата со Барселона на Пике, можеби не се далеку.
Претседателот Феран Виљасека го пофали „големиот потенцијал“ на ФК Андора.
– Многу сме среќни и возбудени од тоа како се претставивме во последните неколку години, тоа беше неверојатно достигнување. Остваривме дел од нашиот сон, имаме многу силен спортски оддел, сега треба да го имаме тоа во младинските тимови и во самиот клуб, клупската структура – изјави за „Би-би-си“ Виљасека, говорејќи на Светскиот фудбалски самит во Севилја.
ФК Андора е основана во 1942 година и му се приклучи на системот на шпанската лига шест години подоцна, но никогаш не играла над третото ниво до сезоната 2022/2023. До декември 2018 година, клубот играше во регионалните лиги. Тогаш Космос го презеде, инспирирајќи моментен пресврт. Андора ја освои Првата каталонска дивизија од петто ниво во сезоната 2018/2019. Местото во Третата лига, Сегунда Б, се отвори бидејќи еден клуб испадна поради финансиски проблеми. Андора можеше да плати за да му ја земе клупската лиценца за речиси половина милион евра, преземајќи го неговото место во пирамидата на шпанската лига и обезбедувајќи невообичаена двојна промоција, пишува „Би-би-си“.

„ПРЕБРЗО ПОРАСНАВМЕ“

Брзината на подемот на Андора го натера Виљасека да се бори за да се осигури дека нивната инфраструктура може да држи чекор со перформансите на теренот. Најеклатантен пример е теренот „Естади Национал“ што го делат со фудбалската репрезентација на Андора. Има капацитет од 3.306 места, помал е од сите, освен од еден во Третата лига на шпанскиот фудбал, а камоли од Втората. Во план е нов стадион со капацитет од 6.000 места и од 26 милиони евра, но Виљасека, исто така, напорно работи на растење на клубот зад сцената.
– Мораме да растеме во човечки ресурси. Се фокусиравме на спортски таленти, сега правиме аквизиции во административните одделенија. Имаме нов маркетинг-директор, комерцијален директор, финансиски директор. Клубот беше во Петтата лига и беше таков на сите нивоа, имавме само тројца луѓе. Затоа треба да растеме во таа насока, а во инфраструктурата треба да изградиме сопствени капацитети за тренинзи. Како Андора, немаме многу, не сме моќни, ние сме мало место среде планините, па мораме да понудиме нешто поинакво. Треба да им понудиме на играчите најдобар квалитет на спортски живот, тоа е многу важно. Сега го имаме еден од најдобрите терени за играње во Шпанија, хибрид од природна и вештачка трева, тој има греење, нешто што го нема ниту еден од другите клубови во Втората лига, но објектите за тренинзи сите се со вештачка, а спортскиот директор Жауме Ногес рече: „Ни требаат квалитетни капацитети за тренинзи или никој нема да биде подготвен да се приклучи“. Треба да го направиме клубот второлигаш, а на некои места сме уште далеку. Потребно е време, пребрзо пораснавме – вели Виљасека.
Под сопственост на Пике, врските со Барселона се покажаа со неговиот избор за менаџер. Поранешниот соиграч Габри го надгледуваше искачувањето до Третата лига, додека поранешниот играч на Барса Б, Начо Кастро, беше тренер на клубот нешто помалку од една година до јануари 2021 година. Потоа Едер Сарабија, кој му беше помошник на Кике Сетиен за време на неговиот краток период во Барселона, беше ангажиран на неговата прва висока менаџерска функција, водејќи ја Андора во Втората лига 18 месеци подоцна првпат во нивната историја. Победата со 1-0 дома против Мурсија предизвика бурни прослави, а Сарабија го исполни ветувањето дека ќе вози велосипед од Андора до Билбао доколку биде обезбедена промоција.
– По Барселона имавме многу опции, но по повикот на Жерар Пике го анализирав проектот и сфатив дека го направив вистинскиот избор и многу сум возбуден. Пред сѐ тоа е семеен клуб, ми се допаѓа клупскиот модел, раководството и амбицијата да растеме, со цврсти чекори и да можам да правам важни работи. Беше брзо, на теренот напреднавме и пораснавме многу и стануваме посилни во секој поглед – изјави Сарабија за „Би-би-си“.

АНГАЖИРАЊЕ ВО СТИЛОТ НА МАНИБОЛ

Виљасека додава: „Знаевме што сакаме и од спортски правец создадовме ДНК околу тоа. Кога играте против ФК Андора знаете како играме, тоа е слично на ДНК на Барселона. Бевме многу јасни од првиот ден со тренерите што ги имавме, па затоа немавме проблеми со приспособувањето меѓу играчите и персоналот. Културно, Андора е многу слична на Барселона, соседи сме со Каталонија, а Барселона е најследениот тим во Андора. Исто така, како што сакаме да играме, играчите што најдобро го разбраа тоа беа поранешни играчи на Барселона, така што ги идентификувавме играчите што ја напуштија Барса, можеби тие заминаа да играат во странство, ги ангажираме тие играчи и ги користиме вештините што ги научија во Барселона, од нивното време во младинските тимови во Барселона“.
Домашните победи над Гранада, Еибар и над Леванте докажаа дека тимот на Сарабија е многу повеќе од суетен проект на познатиот сопственик, пишува „Би-би-си“.
– Го гледаме типот играчи што ни се потребни, не најдобрите, туку најсоодветните со специфичен профил и проценување како се однесуваат на теренот и надвор од него. Нашите цели се да играме многу добар фудбал и играта да нѐ води кон нашите цели – вели Сарабија.
Врската со Пике беше аспект на ФК Андора што привлече најголемо внимание, но Виљасека вели дека клубот сам по себе има идентитет.
– Се обидуваме да избегнеме да бидеме само проект на Пике во Андора. Жерар го сака проектот, но тој не е вклучен секој ден, тој е таму да слави кога ќе се случат добрите работи, а и да помогне кога треба да се донесат одлуки. Една од работите што сакаме да ги правиме е да работиме на статистика, Жерар ја сака својата статистика, ние сме многу вклучени во ангажирање играчи во стилот на Манибол. Тој сака да го дава своето мислење за спортскиот правец, сепак, тој е фудбалер и го кажува она што го мисли. Но тоа е повеќе како навивач отколку како менаџер, неговата примарна работа е да игра за Барселона – вели тој.