ЕП ЗА ФУДБАЛЕРИ ДО 19 ГОДИНИ

Третпат финале помеѓу Португалија и Италија

Репрезентациите на Португалија и Италија ќе се сретнат утре во финалето на Европското првенство (ЕП) за фудбалери до 19 години што се игра на Малта. Во полуфиналето, Португалија ја победи Норвешка со 5-0, а Италија ја совлада Шпанија со 3-2.
Двете репрезентации досега двапати играле меѓу себе во финале на континенталното првенство за фудбалери до 19 години. Во 2003 година, кога Европското првенство се играше во Лихтенштајн, во финалето Италија ја победи Португалија со 2-0. Во 2018 година, пак, Португалија славеше во финалето со Италија со 4-3 по продолженијата, на шампионатот во Финска.
И на двете првенства, како и на годинашното, Португалија и Италија играа меѓу себе и во групната фаза. Двете селекции досега по еднаш биле европски прваци во оваа возрасна категорија, секоја со победа во меѓусебното финале.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС

Изагире со соло-возење победи со голема предност на 12-та етапа

Јон Изагире со соло-возење стигна до победа на 12-та етапа на велосипедската грантур-трка Тур де Франс откако почна одличен напад на 31 км од целта, по што шпанскиот возач имаше 58 секунди предност пред најблиските конкуренти. Данецот Јонас Винегард, победник на Тур де Франс во минатата година, ја задржа предноста од 17 секунди во вкупниот пласман по 12 етапи, пред Словенецот Тадеј Погачар, кој, пак, славеше на оваа трка во 2020 и во 2021 година.
Етапата го фаворизираше соло-возењето, но беа потребни речиси 90 километри пред групата од 15 велосипедисти да може да воспостави значителна предност. Холандскиот велосипедист Матје ван дер Поел се обиде да го направи првиот одлучувачки потег, но беше стигнат на последното искачување, по што Изагире одлично возврати за да го почне својот победнички потег, пишува „Би-би-си“.
Вчера на програмата беше кратка, тешка етапа, долга 137,8 километри.