ТЕНИС
Ѓорческа второпласирана на турнирот во Ларнака
Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа не успеа да слави во финалето на турнирот во Ларнака (Кипар). Подобра од неа беше хрватската претставничка Луција Ќириќ-Багариќ (петта носителка), која победи со 6-2, 6-3. Во полуфиналето, Македонката беше подобра од Италијанката Нурија Бранкачио со 7-5, 6-4, а претходно славеше и на дуелите со Русинката Ксенија Зајцева (6-2, 6-2), Италијанката Матилде Паолети (6-3, 3-6, 7-5), како и домашната претставничка Марија Сиопача (6-1, 6-1). Ова беше прво финале за Ѓорческа годинава или нејзино 34-то во поединечна конкуренција во кариерата. Досега Ѓорческа славеше на 13 турнири. Таа и неделава ќе настапува на Кипар, на турнир во Аламинос. Г.И.
ОДБОЈКА – КУП НА МАКЕДОНИЈА
Финалниот турнир во Штип
Екипите на Струмица (мажи) и на Работнички (жени) ќе ги бранат трофеите во Купот на Македонија на завршниот турнир годинава во Штип (од четврток до недела). По извлечената ждрепка, струмичани за противник ја добија Лирија, а Работнички ќе се сретне со домаќинот Штип УГД. За разлика од лани, сега ќе учествуваат три нови клуба.
Кај одбојкарките, ланските освојувачки Работнички ќе играат со првопласираниот состав во првенството, Струмица, а минатогодишните финалистки Наковски волеј против Јанта волеј. Полуфиналето за мажите е закажано в четврток, за жените в петок, а двете финалиња се в недела. Финалните натпревари ќе бидат пренесувани на МРТ. Г.И.
ПОЛУФИНАЛЕ
МАЖИ, ЧЕТВРТОК
Работнички – Штип УГД 17 ч.
Лирија – Струмица 20 ч.
ЖЕНИ, ПЕТОК
Струмица – Работнички 17 ч.
Наковски волеј – Јанта волеј 20 ч.
финалињата се в недела, од 12 часот за жени, од 15 часот за мажи
ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА
Кејн собори рекорд стар 60 години
Хари Кејн постави нов личен рекорд од 31 првенствен гол во една сезона во победата на Баерн на дуелот со Дармштад на гости со 5-2, во германската фудбалска Бундеслига. Англичанецот постигна еден гол и сега има еден повеќе од неговите рекордни сезони во Тотенхем, кога двапати постигна по 30 погодока. Тој исто така постави нов рекорд за најмногу голови во дебитантската сезона во Бундеслигата, надминувајќи го претходниот рекорд поставен од Уве Зелер, кој постигна 30 гола за Хамбург во сезоната 1963/1964, што беше првата сезона во Бундеслигата. Н.М.