КОЊИЧКИ СПОРТ

Прво место за Гроздановска на турнир во Солун

Македонската репрезентативка Леонида Гроздановска, со грлото Џилдан, го освои првото место на меѓународниот коњички турнир во прескокнување пречки (ЦСИ), кој се одржа во Солун (Грција). На натпреварот викендов, Гроздановска без грешка оствари време од 74,13 секунди, три секунди побрзо од најблиската конкурентка. На турнирот настапи уште една македонска репрезентативка, Силја Дуковска, информира Федерацијата за коњички спортови на Македонија. Н.М.


ВАТЕРПОЛО – СП 2023 ВО ЈАПОНИЈА

Одново европски селекции во полуфиналето

Грција – Србија и Унгарија – Шпанија се утрешните полуфинални двојки на 20-то Светско првенство (СП) во ватерполо во Јапонија. Во четвртфиналните дуели вчера Грција ја совлада Црна Гора со 10-9, Србија на пенали ја победи Италија (по регуларниот дел од мечот беше нерешено, 11-11), Унгарија славеше на дуелот со САД со 13-12, а актуелниот светски првак Шпанија ја совлада Франција со 7-6. Седми пат во низа во полуфиналето на мундијалите во ватерполо ќе играат репрезентации од Европа.
Во натпреварите за пласман на годинашниот Мундијал, за пласман од петтото до осмото место ќе играат Црна Гора – Италија и САД – Франција, во дуелот за деветто место ќе се сретнат Хрватска и Австралија, а за 11-та позиција Канада и Јапонија. Пласман на 13-то место оствари Аргентина со победата на мечот со Казахстан со 11-7, а 15-та е Кина, по победата на дуелот со Јужна Африка со 16-8.
На претходното Светско првенство, во 2022 година, Шпанија го освои златниот медал, Италија сребрениот, Грција бронзениот медал, а четврта беше Хрватска. Н.М.