Фото: Фејсбук/Наташа Котлар Трајкова

Наташа Котлар-Трајкова: Одбрана и истакнување на македонската национална, именска, историска и културна посебност, а не за квазиисториска нарација, заради „Бугари“ во Устав!

Историчарката Наташа Котлар-Трајкова реагира на објаснувањата од претставниците на владата за потребата од уставни измени заради „функционална мултиетничка демократија“, потенцирајќи дека тоа е „наопаку поставена теза“.
– Со цел да ги оправда настојувањата на „функционалната мултиетничка демократија“ (што и да му значи ова) за „измени на Уставот“ на РСМ заради внесување на „Бугарите“, Таче во Собранието на „Република Северна Македонија“ искажа намерна заблуда! Имено, тој истакна: „Уставноправната поставеност и традиција на Македонија во која се афирмира јазичниот, верскиот и културниот идентитет на сите заедници во нашата земја започна уште во државнпоправните традиции наведени во Крушевската Република и во одлуките на АСНОМ“.
Да појаснам, државоправните традиции и на Крушевската Република и на АСНОМ се темелат на најсуштинското начело на македонското организирано и револуционерно движење – „Независна Македонија“ и „Македонија на Македонците“. Поаѓајќи токму од оваа определба беше дозволено учество во востанието, покрај другите, и на „Бугари“ (приврзаници на бугарската великодржавна политика), а во Републиката, учество на различните, според османлиската државна политика – „милети“. Оттука, народната содржина на востанието беше македонска, а вината за неуспехот на истото на големодржавните политики на големите сили и нивните балкански сателити, во овој ред и на бугарската држава. Имајќи ја токму Илинденската револуција за инспиративен и херојски чин, АСНОМ е резултат на македонската народноослободителна борба во Втората светска војна. Затоа во неговиот Манифест (од кој северната власт се откажа) се вели: „Македонски народе, од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излегува денес првото Народно собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода на македонскиот народ во ПРВАТА СЛОБОДНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА. Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува… Това е најголемата придобивка во историјата на нашиот народ, спечалена во гигантскиот антифашистички фронт со крвта на најдобрите синови на Македонија…“.
Властодршци на РСМ, темата ви е наопаку поставена – Бугарија и Бугарите треба да ја признаат македонската особеност, имено – Македонците и нивната македонска држава и сите македонски атрибути! Нешто што АСНОМ го направи со повеќето донесени државотворни одлуки (2 август 1944 г.). Значи во актуелниот случај борбата треба се води за одбрана и истакнување на македонската национална, именска, историска и културна посебност, а не за квазиисториска нарација, заради „Бугари“ во Устав!