Фото: ЕПА

КОШАРКА – НБА
Леброн Џејмс се приближува до 40.000 поени во кариерата

Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс, кој веќе е најдобар стрелец на сите времиња во НБА-лигата, се приближува до 40.000 поени во кариерата. Тој има вкупно 39.727 поени, а со оглед на неговиот просек во кариерата од 27,2 поени по натпревар, се предвидува дека Џејмс може да ја достигне границата кон крајот на февруари, пишува НБА на својата интернет-страница.
Следни мечеви на Лос Анџелес лејкерс: Атланта (натпреварот на програмата беше утринава), Бостон (петок), Њујорк (недела), Шарлот (вторник), сите на гости, Денвер (9 февруари) дома…
Џејмс се обидува да стане првиот кошаркар што некогаш постигнал 40.000 поени во НБА-лигата, а тој е високорангиран и во некои други статистички категории, па, така, тој е втор според одиграните минути, четврти според асистенциите, осми според украдените топки и одиграните натпревари, 31. според остварените скокови…, пишува НБА. Н.М.


ФУДБАЛ

Засега мирен зимски преоден рок

На еден ден пред крајот на зимскиот преоден рок за фудбалери во најдобрите пет домашни европски првенства (во Англија, Шпанија, Франција, Германија и во Италија) се забележани 383 трансфери со вкупна вредност од 408,1 милиони фунти, според интерактивната страница на британскиот дневен весник „Гардијан“. Според податоците на тој весник, лани во јануари во најсилните пет европски првенства биле направени 532 трансфери, во вкупна вредност од 966 милиони фунти. Годинашниот јануарски преоден рок трае до утре. Н.М.