НБА-ЛИГА
Лилард е 51-от кошаркар со 20.000 поени
Кошаркарот на Милвоки, Демијан Лилард, постигна рекордни 40 поени сезонава во НБА-лигата во победата над Сан Антонио (132-119), со што ја помина магичната граница од 20.000 поени во својата кариера. Тој стигна до вкупно 20.034 поени и стана 51-от играч во историјата на НБА-лигата со над 20.000 поени и е еден од осумте активни играчи што ја надминал таа бројка. Мечот со Сан Антонио беше негов 794-ти во кариерата.
– Не сакам да се преправам дека тоа не ми значи ништо, оти знам дека тоа е голема работа, големо достигнување. Малку луѓе се во тој круг – рече Лилард.
Покрај Лилард, само Стеф Кари, Леброн Џејмс и Џејмс Харден се меѓу оние што имаат барем 20.000 поени, 5.000 асистенции и 2.000 тројки. Г.И.
Абу Даби домаќин на Шаховската олимпијада во 2028 година
Абу Даби е избран за домаќин на 47-та Шаховска олимпијада (ШО) во 2028 година, победувајќи го противкандидатот Џенова, на состанокот на Советот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на 17 декември.
Понудата за обезбедување на правата за домаќин на ШО 2028, ШО за лица со посебни потреби во 2028 година и на Конгресот на ФИДЕ истата година беше заеднички напор на Спортскиот совет на Абу Даби и на Шаховската федерација на ОАЕ. Ова е вторпат ОАЕ да биде домаќин на ШО, по настанот одржан во Дубаи во 1986 година. Абу Даби и ОАЕ неодамна покажаа силна посветеност за организирање голем број шаховски настани. Годинава ОАЕ беше домаќин на инаугуративната Глобална шаховска лига, 29-от Меѓународен шаховски фестивал во Абу Даби и Азиското аматерско првенство. Градот в година треба да биде домаќин на Азиското првенство во шах за млади, информира ФИДЕ, на својата официјална интернет-страница.
В година ШО ќе се одржи во Будимпешта (Унгарија), а во 2026 година во Ташкент (Узбекистан). Г.И.
ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Три премиерлигаши во полуфиналето на Лига-купот
Премиерлигашите Челси и Фулам, како и Мидлсборо од дивизијата Чемпионшип, се полуфиналисти во англискиот фудбалски Лига-куп. Челси и Фулам во четврт-финалето победија на пенали на дуелите со Њукасл дома, односно со Евертон на гости, а Мидлсборо на гости го победи Порт вејл од Лига 1, со 3-0. Четвртиот патник во полуфиналето се решаваше синоќа на дуелот помеѓу премиерлигашите Ливерпул и Вест хем. Лига-купот се игра од 1960 година. Ливерпул е најуспешен со девет трофеи. Од полуфиналистите Челси има пет победи, а Мидлсборо една. Победникот на Лига-купот обезбедува настап во европските купови за следната сезона, во Конференциската лига. Н.М.