ЛЕТЕН ПРЕОДЕН РОК
Околу 100 нови фудбалери во директните учесници во ЛШ
На околу еден месец до крајот на летниот преоден рок за годинава, 26-те клуба директни учесници во групната фаза на Лигата на шампионите имаат околу 100 нови фудбалери во однос на минатата сезона, според нецелосните податоците на Европската фудбалска унија (УЕФА), заклучно со 2 август, објавени на интернет-страницата на УЕФА. Така, од 121 нов играч, 19 од нив и лани играле за соодветниот клуб на заем, а сега само е направен комплетен трансфер. Четворица од новаците веднаш се дадени на заем, а како позајмени деветмина ќе играат за друг клуб во однос на минатата сезона. Засега најмногу нови играчи имаат Марсеј (11), Ајнтрахт (девет), Борусија Дортмунд (осум)…, а најмалку Севилја и Баер (по еден), пишува УЕФА.
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Првпат ВАР во третото квалификациско коло
Системот видеопомошник-судија (ВАР) се користи на натпреварите од третото квалификациско коло на Лигата на шампионите, што е првпат технологијата да се имплементира во нецентрализирана фаза на натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА), пишува УЕФА на својата интернет-страница. Секој назначен судиски тим ВАР е директно на местото на одржување на натпреварот, во посебна видеосала.
СП ЗА АТЛЕТИЧАРИ ДО 20 ГОДИНИ
Тебого го собори својот младински светски рекорд на 100 м
На Светското првенство за атлетичари до 20 години во Кали (Колумбија), Летсиле Тебого од Боцвана го собори својот светски рекорд на 100 метри во таа возрасна категорија и ја задржа титулата, со време 9,91 секунди. По трката, многумина се прашуваа дали го гледаат следниот Усеин Болт, пишува Светската атлетика (СА) на својата интернет-страница. Имаше две причини зошто 19-годишникот привлече такви споредби, дури и ако тие се толку често неправедни колку што се погрешни: тоа беше засновано на неговиот неверојатен атлетизам, пред сѐ, но и случувањата на средината на трката, бидејќи по брзиот старт, Тебого ги остави своите ривали назад, со темпо со кое ниту еден атлетичар до 20 години, дури ни самиот Болт, никогаш не трчал, а на 30 метри до целта веќе беше време за славење, кога Тебого ја крена десната рака, пишува СА.
– Ако некој го сфати тоа како непочитување, навистина ми е жал. Ги видов навивачите и секој што гледаше дома можеше да ужива во трката, да ги потсетам малку за тоа што направи Болт во минатото. Тој е мојот идол – рече Тебого, пренесе СА.