КОШАРКА – НБА
Се враќа класичниот формат на олстар-мечот
НБА-лигата објави промени во форматот за олстар-натпреварот во 2024 година (18 февруари во Индијанаполис), па на 73-от олстар-меч ќе се врати класичниот дуел помеѓу Источната и Западната конференција, како и традиционалниот систем со четири четвртини од по 12 минути. Процесот на гласање за одредување на тимовите ќе остане ист, со по 12 играчи избрани од секоја конференција, пишува НБА на својата интернет-страница.
Иако олстар-натпреварот повеќе нема да има неодредена четврта четвртина или да завршува кога еден тим ќе го достигне или надмине конечниот зацртан резултат, тимовите ќе продолжат да се натпреваруваат за да ја добијат секоја четвртина за добротворната организација по сопствен избор. Олстар-натпреварот во 2024 година ќе се емитува во повеќе од 200 земји, на повеќе од 50 јазици. Индијанаполис ќе биде домаќин првпат од 1985 година, пишува НБА.
Начинот на избор на кошаркари за олстар-дуелот останува ист, 50 отсто од гласовите се на публиката, а по 25 отсто од медиумите и од играчите. Во претходните шест години гледачите избираа двајца капитени, а потоа тие ги избираа своите тимови без разлика на конференцијата од која доаѓаа. Г.И.
ФУДБАЛ – ПО ПРВИТЕ ТРИ КОЛА ВО ЛШ
Четири тима се без загубен бод, Барселона стигна до јубилеј
Баерн, Реал Мадрид, Манчестер сити и Барселона се најблиску до пласман во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите, откако тие четири тима забележаа по три победи во првите три кола сезонава. Барселона во ова коло ја забележа 200-та победа во историјата на најсилното европско клупско фудбалско натпреварување (порано Куп на шампионите, сега Лига на шампионите, вклучувајќи ги и квалификациите) и се третата екипа што стигна до оваа бројка, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. По две победи и едно реми по трите кола сезонава имаат Сосиедад и Интер, а по две победи и еден пораз имаат Наполи, Феенорд, ПСЖ, Лајпциг и Порто. Во осминафиналето ќе се пласираат првите две екипи од секоја од четирите групи, а третопласираните ќе продолжат да се натпреваруваат во Лига Европа. Н.М.
Еванилсон е 101-от фудбалер што постигна хет-трик во ЛШ
Седум фудбалери со по три гола се на врвот на листата на стрелците по првите три кола на Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава. Фудбалерот на Порто, Еванилсон стана првиот играч што постигнал хет-трик во натпреварувањето сезонава, во победата со 4-1 на гости кај Антверпен. По првите три кола сезонава во ЛШ по три гола постигнаа и Хулијан Алварез (Манчестер сити), Џуд Белингем (Реал Мадрид), Расмус Хојлунд (Манчестер јунајтед), Габриел Жезус (Арсенал), Браис Мендез (Сосиедад) и Алваро Мората (Атлетико Мадрид). Еванилсон е 101-от фудбалер што постигна хет-трик во Лигата на шампионите, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Н.М.