Фото: Архива

И покрај привидот за македонска „дипломатска офанзива“ со нови амбасадори, во јавноста остануваат прашањата што изгуби Македонија со долгогодишните „црни дипломатски дупки“ во клучните светски административни политичко-економски-безбедносни центри. Освен што Македонија седум години немаше амбасадор во Кина, пет и пол години во Израел, а до минатата година, четири и пол години немаше официјален дипломатски претставник ниту во САД…

Што изгуби Македонија со долгогодишното дипломатско отсуство од светските центри на моќ

По неколкугодишен застој, цел нов амбасадорски бран од Македонија доби мандат да ја претставува државата во (засега) седум дипломатски центри низ светот. Седуммина новоименувани амбасадори минатата седмица ги претставија своите тези и приоритети на нивниот дипломатски мандат пред Комисијата за надворешни работи на македонското собрание.
Како амбасадор во Тел Авив, (Израел) заминува Шпенд Садики, кој најави дека Македонија ќе ја продолжи поддршката на Израел во актуелниот оружен конфликт со Хамас во Палестина. По цели седум години, Сашко Насев ќе биде нов амбасадор во Пекинг (Кина), во Бразил ќе замине дипломатот од кариера Игор Попов, во Варшава (Полска) – Јасмин Ќахил, во Берлин (Германија) – Илибер Села, а по неколку перипетии, Андреј Жерновски замина за амбасадор во Букурешт (Романија). Македонија дури по шест години ќе има нов амбасадор и во соседна Србија, поранешниот министер за правда, професорот Никола Тупанчевски.

Наскоро ќе се пополнат и други испразнети амбасадорски места

Освен овие седум амбасади, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи најави дека наскоро ќе се пополнат и испразнетите амбасадорски места во Прага (Чешка), каде што ќе замине Емил Крстевски; во Лондон (Велика Британија) – Катерина Ставревска, а во Стокхолм (Шведска) ќе отпатува Џенк Сејфула. Османи тврди поголемиот дел новоименувани амбасадори се кариерни дипломати, а другите, како што вели, биле истакнати личности од политичко-општествениот живот.
И покрај овој привид за македонска дипломатска офанзива со нови амбасадори, во јавноста остануваат прашањата што изгуби Македонија со долгогодишните „црни дипломатски дупки“ во клучните светски политички центри. Освен што Македонија седум години немаше амбасадор во Кина, пет и пол години во Израел, а до минатата година, четири и пол години немаше официјален дипломатски претставник ниту во САД…
На комисиското претставување на амбасадорите во Собранието, опозицијата реагираше дека поради партиските и личните калкулации, Македонија немала амбасадори во повеќе земји, меѓу нив и оние што се клучни за евроинтеграциите.
– Калкулирале со партиските или личните интереси и ја оставиле државата со празни амбасади долги години. Кога ќе појде сега господинот Сашко Насев во Кина, може да го прашаат дали ние всушност имаме независна држава. Тие немаат видено наш амбасадор седум години – рече претседателот на собраниската комисија за надворешна политика Антонио Милошоски.

Како Македонија ги брани сопствените интереси на меѓународен план, како спроведува економска соработка и воспоставува комуникации со светот, кога во клучни земји нема амбасадори?
Во современата динамична меѓународна политика, која имаше практично пресудно значење последниве години за уставното преименување и предефинирање на Македонија, со неразбирливост и мошне сомнително се толкува оваа состојба на дипломатско отсуство на државата од центрите на светската моќ. Логично се поставуваат низа прашања, иако можеби пост фестум: како Македонија ги брани сопствените интереси на меѓународен план, како спроведува економска соработка и воспоставува комуникации со светот, кога во клучни земји нема амбасадори. На тоа се надоврзува и впечатокот, често нагласуван во јавноста, дека и таму каде што има амбасадори, во добар дел се партиски кадри без соодветно дипломатско искуство и капацитет. Ваквиот тек на случувањата во македонската дипломатија го прави легитимен сомнежот – дали можеби на тој начин дополнително намерно се уриваат позициите на државата за важни прашања на надворешен план. Конечно, секогаш се наметнува и болната дилема на македонското општество во последниве пет-шест години дали ако имавме подобри дипломатски врски, можеби немаше да се случат катастрофалниот Преспански договор и уште полошиот Договор за добрососедство со Бугарија.Поранешниот амбасадор и вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски одговорноста за вината за актуелната состојба на македонската дипломатија ја гледа во тоа што македонските власти во овој критичен период од шест-седум години, и надворешната и внатрешната политика им ја препуштиле на некои „други фактори“.
– Зоран Заев и целата негова екипа кога дојдоа на власт сметаа дека тие не треба да се занимаваат ниту со надворешната, ниту со внатрешната политика на Македонија, која требаше да ја предводат. Надворешната политика веднаш им ја предадоа на други чинители, па се сеќаваме кога претседателот Стево Пендаровски пребројуваше и пресметуваше дека според бројот на жители сме имале премногу дипломатски претставништва и не сме можеле да си го дозволиме тоа како држава. За внатрешната политика, самиот Заев бараше камшикари од надвор. „Камшикарите“ само ги влошија внатрешнополитичките состојби во Македонија. Што се однесува на надворешната политика, се покажа дека никој друг не ти го бере твоето „гајле“. Сега нѐ очекува долго и грозно будење и во надворешната и во внатрешната политика.
Новоназначените амбасадори во земјите каде што со години беа испразнети дипломатските претставништва ќе треба да се соочат и да се справат со перцепцијата на Македонија кај домаќините како за несериозна држава, која или не ги почитува нив или не се почитува себеси. Особено неразбирливо е испразнетото амбасадорско место цели седум години во Кина, светска сила број два и постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации. Исто толку необјасниво е отсуството на македонски дипломатски претставник во Бразилија (Бразил), еден од водечките светски дипломатски центри, во земја што практично е „шеста постојана членка“ на Советот на безбедност на ОН.
Отсуството на амбасадори во толку важни дипломатски центри ги деградира севкупните односи и Македонија изгуби значајни економски, политички и културни шанси. Но животот продолжува и Македонија мора да си ги гради своите меѓународни позиции со квалитетни амбасадори (било да се од редот на професионалните дипломати или политичари), докажани во нивната досегашна работа со професионален и политички интегритет, кои ќе ја претставуваат националната визија на земјата на меѓународен план – вели Ивица Боцевски.
Сепак, за можноста дипломатијата да интервенира во насока на креирање подобри соседски договори со Грција и Бугарија, Боцевски и понатаму е скептичен.
– Предавството веќе беше направено уште пред да дојде на власт гарнитурата што ги потпиша договорите. Официјалната дипломатија не беше воопшто вклучена во тој процес и практично не можеше да има никакво влијание на случувањата поврзани и со Договорот со Бугарија и со Преспанскиот договор – смета поранешниот амбасадор и вицепремиер Боцевски.