Фото: Игор Бансколиев

Токму во делот на владеењето на правото Македонија целосно потфрла, што само дополнително ја прави парадоксална целата работа околу уставните измени, кои во ситуација кога во земјава целосно е урнисано владеењето на правото губат секаква смисла

Објавен најновиот глобален индекс за владеењето на правото на Проектот за правда во светот

Владеењето на правото е клучното поглавје што е пресудно во градењето на генералната оцена дали една земја е подготвена за членство во Европската Унија или не, без оглед дали во другите области има нешто послаби резултати.
Токму во делот на владеењето на правото Македонија целосно потфрла, што само дополнително ја прави парадоксална целата работа околу уставните измени, кои во ситуација кога во земјава целосно е урнисано владеењето на правото губат секаква смисла.
Неодамна холандскиот амбасадор во земјава Коп многу директно и остро порача дека без владеење на правото нема преговори со ЕУ, а потврда дека правната држава повеќе не живее тука има и во податоците од најновиот глобален индекс за владеење на правото што завчера го објави Проектот за правда во светот.
Според овој глобален индекс за владеење на правото, Македонија го задржа рангирањето на 67-то место меѓу 142 земји, со оценка од 0,53, исто како и во претходните три години.
Кога станува збор за критериумите за ограничување на владините овластувања, Македонија е на 97-то место, со оценка 0,47. Во однос на отсуството на корупција, земјата е позиционирана на 75-то место, со индекс 0,45. Во однос на владината транспарентност, Македонија е на 70-то место, со оценка 0,50. Во однос на основните права земјава е на 56-та позиција, со оценка 0,60. Во категоријата ред и безбедност, Македонија е на 43-то место, со оценка 0,80. Во однос на регулаторното спроведување, земјата е позиционирана на 94-то место, со индекс од 0,46. Во однос на граѓанската правда, Македонија е на 75-то место, со оценка 0,52. На крајот, во однос на кривичната правда, земјата е на 72-то место, со оценка од 0,44.
Во споредба со минатата година, иако резултатот останува ист, Македонија сепак забележа пад од четири места и сега го дели истиот ранг со Монголија, Казахстан, Индонезија и со Молдавија.
Од земјите од Западен Балкан, подобро рангирање на вкупната листа имаат Црна Гора и Косово, на 57-то односно 58-то место, со оценки 0,56. Босна и Херцеговина е послабо, на 75-то место, со индекс 0,51. Албанија и Србија се рангирани на 91-то и 93-то место, со 0,48, соодветно. Турција е на 117-то место, со оценка 0,41.
Во рамките на ЕУ, Унгарија е единствената земја членка со послаб ранг од Македонија, позиционирана на 73-то место, со оценка 0,51. Највисокорангирана балканска земја во ЕУ е Словенија, на 27-то место, со 0,69, а потоа Романија на 40-то место, со 0,63.

Хрватска и Грција се рангирани на 45-то и 47-то место, со 0,61, соодветно. Бугарија е на 59-то место, со оценка 0,56.
Првите две позиции на листата ги држат земјите членки на ЕУ Финска и Данска, со оценки од 0,84 и 0,83, соодветно. Норвешка исто така ја дели истата оценка 0,83, потоа се Шведска и Австрија со 0,79 и Германија со 0,78. Сингапур е седми со 0,77, а потоа следуваат Јапонија (0,76), Естонија (0,75) и Холандија (0,74).
На дното на листата, Венецуела е на 142-то место, со оценка 0,27. Следуваат Камбоџа со 0,31, Авганистан со 0,32, Хаити и Демократска Република Конго со 0,34 и Никарагва, Египет, Мјанмар и Камерун со 0,35.
– Резултатите само потврдуваат дека без владеење на правото, попусти се сите нови отстапки што нè притискаат да ги направиме. Бугарија и да не ни стави вето во иднина, самите си го ставаме, не затоа што нема да направиме или ќе направиме уставни измени, туку затоа што нема политичка волја да се воспостави вистинско владеење на правото. Очигледно на политичките елити им одговара ваквата средина на неказнивост и правна анархија – изјавуваат повеќето експерти од правната фела, коментирајќи го најновиот глобален индекс за владеењето на правото. С.Т.