Фото: Ка.М.

„Линеарно обликување“ е втората самостојна изложба на академскиот уметник
Филип Перески, што ќе биде отворена вечерва од 19 часот. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Академскиот уметник Филип Перески ќе се претстави со дела со кои ликовно ги истражува бескрајните можности и начини со коишто инвентивно ги реконтекстуализира – линијата врз дводимензионалната површина на сликарското платно и формата во тродимензионалниот простор.

– Сликарството на Перески се одликува со спонтани искривени линии коишто асоцираат на органски и динамични облици. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активниот однос и слободната креативна игра меѓу ликовните елементи во просторот: контраст и градација на линијата и бојата. Со хоризонталното протегнување и вертикалното извишување, брзите градации и збиената густина на линиите, уметникот изразува енергична динамичност и хаотичност во слободните отворени композиции. Имено, преку репетиција на експресивните контрастни и збиени линии, тој дополнително креира длабочина во асиметричните композиции. Во скулптурата, Перески ја искривува и раскршува линијата создавајќи минималистички геометриски форми со „полна“ маса и мрежно испреплетени „празни“ колоритни интервенции. Ослободувајќи ја композицијата од геометриска строгост, автентичниот ликовен јазик на академскиот уметник Филип спонтано еволуира и се развива во апстрактно-асоцијативен израз – вели м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.

Филип Перески, во 2013 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на катедра за ликовна педагогија, насока вајарство во класата на проф. Станко
Павлески. Член е на Друштвото на ликовни уметници Прилеп (ДЛУП). Има реализирано повеќе групни изложби, а бил учесник и на повеќе ликовни колонии, меѓу кои и на колонијата „Марко Цепенков – Дрен“. Ка.М.