Од другите одлуки, предложено е собранието на РФМ да се одржи во јуни, да се задолжи комесарот за натпревари да формира комисија за спортски сали заедно со претставниците на клубовите, како и да се донесе заклучок за мобилизација на сите ресурси за организација и за промоција на ЕП за ракометарки во ноември, на кое организатори се Македонија, Словенија и Црна Гора

РАКОМЕТ – СЕДНИЦА НА УО НА РФМ
Се проширува Суперлигата?

Управниот одбор (УО) на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) одржа онлајн седница, на која беа донесени неколку одлуки и заклучоци. Предничи иницијативата за проширување на Суперлигата од следната сезона, како и предлогот годишното собрание на РФМ да се одржи во јуни годинава, пишува, меѓу другото, во соопштението на РФМ.
Меѓу другите одлуки се и формирање комисија за разгледување на предлозите за промени во системот на натпреварување во младинските лиги за следната сезона, формирање комисија за предлозите од учесниците за системот на натпреварување на женската сениорска лига за сезоната 2022/2023, да се задолжи комесарот за спроведување натпревари Славе Николов да формира комисија за спортски сали заеднички со претставниците на ракометните клубови, во насока на создавање подобри услови за организирање ракометни натпревари, да се донесе и генерален заклучок за мобилизација на сите расположливи ресурси за организација и за промоција на претстојното Европско првенство (ЕП) за ракометарки (4-20 ноември), а на кое домаќини се Македонија, Словенија и Црна Гора. Роковите за активностите на комисиите се до 15 април, а ќе бидат презентирани на УО на РФМ во мај годинава. Г.И.


ФУДБАЛ – ЛИГА ЕВРОПА, ПЛЕЈОФ
Наполи со реми, а Шериф со победа пред реваншите

Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас настапи за Наполи, кој ремизира на гости со Барселона (1-1), во првиот плејоф-натпревар за пласман во осминафиналето на Лига Европа (ЛЕ). Барселона, која беше трета во групата во Лигата на шампионите (ЛШ) и првпат по 18 години игра во ова натпреварување, нема постигнато повеќе од еден гол на претходните десет натпревари во европските клупски натпреварувања. Шериф, по 15-от европски натпревар сезонава, има добри шанси за пласман понатаму во ЛЕ, по победата дома над Брага, со 2-0. Во почетните единаесетмина на молдавскиот тим беше Бобан Николов, играчот од средниот ред на македонската репрезентација.
Реванш-мечевите се на 24 февруари. Победниците ќе се пласираат во осминафиналето, каде што ги чекаат првопласираните тимови од групната фаза: Црвена звезда, Ајнтрахт, Галатасарај, Баер, Лион, Монако, Спартак Москва и Вест хем. Плејофот првпат се игра сезонава, а играат осум второпласирани од групната фаза на ЛЕ и осум третопласирани од групната фаза на ЛШ. Од сезонава повеќе не важи правилото за предност на тимот со повеќе постигнати голови на гости при вкупен нерешен резултат. Л.Д.


На ЗОИ во Пекинг, Гу освои два златни и еден сребрен медал, таа е првата скијачка во слободен стил што освојува три медали на едни Игри и е најмладата освојувачка на златен олимписки медал во скијање слободен стил

„Снежната принцеза“ Ајлин Гу е новиот спортски херој на Кина

Популарноста на Ајлин Гу, скијачката во слободен стил, која е родена во САД, а се натпреварува за Кина, продолжува да расте во Кина. Таа на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг освои два златни и еден сребрен медал (во дисциплините биг ер и халфпајп и во слоупстајл), на трите настапи, и ги оправда големите очекувања.
На Младинските олимписки игри во 2020 година, таа освои три медали (две злата и едно сребро) пред да стане првата скијачка во слободен стил што освоила две злата на светските првенства (СП) следната година. Гу е првата скијачка во слободен стил што освојува три медали на едни Игри и е најмладата освојувачка на златен олимписки медал во скијање слободен стил.
Во Кина, Гу е „лицето на Игрите“, нејзината слика и лице се појавуваат на билбордите, ја има во рекламите, таа е херој за милиони девојки и, како што изјави во една пригода, нејзината мисија „е на милиони млади луѓе да им ги приближи зимските спортови“.
– Ајлин Гу, трикратна олимписка медалистка. За мене е лудо воопшто да размислувам за тоа. Ова беа двете најинтензивни недели што некогаш сум ги доживеала во мојот живот. Мојот живот се промени засекогаш – вели 18-годишната девојка од Сан Франциско. Л.Д.