Фото: „Нова Македонија“

КОШАРКА

Од денеска во Гевгелија се игра купот „Благоја Георгиевски-Буштур 2025“

Финалниот турнир од купот на Македонија во кошарка „Благоја Георгиевски-Буштур 2025“ ќе се одржи од денеска до сабота, во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија, во машка и во женска конкуренција.
Денеска кај мажите во четврт-финалето ќе играат ТФТ – Гостивар (од 13 часот), Пелистер – Чаир 2030 (15.30 ч.), Куманово – Кожув (18 ч.) и дербито МЗТ Скопје – Работнички (20.30.). Победниците од првите и од вторите натпревари ќе играат во полуфиналето со подобрите од третиот и четвртиот натпревар. Финалето е в сабота, а натпреварите ќе се пренесуваат директно на МРТ3.
Кај кошаркарките утре во полуфиналето ќе играат Крива Паланка – Вардар (13 ч.) и Баскет Кам – Бадел 1962 (15.30 ч.). Победниците ќе играат во финалето в сабота (17 часот).
Во машка конкуренција трофејот го брани МЗТ Скопје и има 12 победи во Купот на Македонија, со што е и рекордер. Во женска конкуренција пехарот лани го освои Баскет Кам. Г.И.


КОШАРКА – НБА

Дурант е осмиот играч во историјата со над 30.000 поени

Кошаркарот на Феникс, Кевин Дурант (36), изведе две успешни слободни фрлања на 1,11 минута пред крајот на третата четвртина на натпреварот, кој го одигра дома со Мемфис, со кој стана осмиот играч во историјата на НБА-лигата што уфрлил над 30.000 поени во кариерата. Тој стигна до 30.000 поени во 1.101 натпревар, како и Карим Абдул-Џабар. Вилт Чембрлен (941 натпревари) и Мајкл Џордан (960) стигнаа до таа бројка побрзо. Феникс славеше со 119-112, а крилото Дурант (висок 2,11 м) на натпреварот постигна 34 поени и сега има вкупно 30.008 поени. Седмопласираниот Чембрлен (31.419) е следен на листата што Дурант треба да го стигне. Води Леброн Џејмс (41.623). Г.И.

НАЈДОБРИ СТРЕЛЦИ ВО НБА
Леброн Џејмс 41.623
Карим Абдул-Џабар 38.387
Карл Мелоун 36.928
Коби Брајант 33.643
Мајкл Џордан 32.292
Дирк Новицки 31.560
Вилт Чембрлен 31.419
Кевинт Дурант 30.008
Шекил О’Нил 28.596
Кармело Ентони 28.289


Свечена најава на сезоната на Ф1 идната недела во Лондон

Почетокот на сезоната на Формула 1 (Ф1) годинава се наближува, а ќе биде лансирана во голем стил бидејќи првпат во историјата на спортот треба да се одржи спектакуларен настан за најава на сезоната во лондонскиот „О2“, во вторник. Традиционално, во овој период од годината се претставуваат тимовите во Ф1, кога се одржуваат индивидуални настани, а за да се одбележи почетокот на 75-годишнината на спортот, годинава ќе се одржи револуционерен настан за најава на сезоната, кој ќе ги собере сите 10 тима заедно за да ја почнат кампањата со стил, откако на настанот ќе учествува секој тим, заедно со сите 20 возачи и сите 10 директори на тимовите, пишува Формула 1. Секој тим ќе го добие својот момент во текот на вечерта кога ќе се претстави, ќе има и пристигнувања на црвениот тепих од возачи, директори на тимови и познати личности, плус многу дополнителна забава…, најавува Формула 1. Н.М.