КОЊИЧКИ СПОРТ – ЛИГА И ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА
Две први места за Димитриевска, Димитријевиќ и за Јовановиќ

Според план-календарот на Федерацијата на коњички спорт на Македонија, коњичкиот клуб Бравадос на теренот во населбата Волково изминатиов викенд ги одржа четвртото коло (финале) од отвореното Лига-првенство и петтото коло од Првенството на Македонија во прескокнување пречки. На отвореното Лига-првенство на програмата беа три натпревари. Во првиот натпревар, категорија Е (височина на пречките од 0,70 м до 1 м), победи Ева Димитриевска со грлото „Ерос“. Во категоријата А (1-1,1 м) триумфира Зоран Јовановиќ со грлото „Серафина“. И во категоријата А** (1,2 м-1,3 м) најдобар беше Петар Милошевски со грлото „Надја“, сите од клубот Бравадос.
Во петтото коло од Првенството на Македонија на програмата беа пет натпревари во класите А, Б, Ц, Д и Е. Во класата Е (0,7 м-1 м), повторно триумфира Димитриевска со грлото „Ерос“ од КК Бравадос. Во класата Д (0,8 м-1,1 м) славеше Марта Димитриевиќ со грлото „Калатус“ од ККС Илинден. Во класата Ц (1 м-1,2 м) најубедлива беше Марта Димитриевиќ со истото грлото „Калатус“ од ККС Илинден. Во класата Б (1,1 м-1,3 м), повторно победи Јовановиќ со грлото „Серафина“ од КК Бравадос и во класата А (1,2 м-1,4 м), првото место го освои Леонида Гроздановска со грлото „Кардино-14“ од КК Анималс. Г.И.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Првпат финалето на сезоната ќе се одржува во текот на два викенда

Сезоната во алпско скијање наскоро треба да почне, но предложено е првпат завршницата, која се одржува во едно место, да биде поделена во два викенда, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Финалето на сезоната е предвидено да се одржи во Залбах (Австрија) од 16 до 24 март в година. Првиот викенд ќе биде посветен на техничките дисциплини, при што, како и обично, мажите и жените ќе се тркаат во ист ден во различни дисциплини, а викендот на брзина ќе биде порастоварен, откако во ист ден ќе се одржат трките за супервелеслалом, во саботата ќе се вози спустот за жени, а во неделата спустот за мажи.
Сезоната 2023/2024 не содржи големи настани како што се зимски олимписки игри или светско првенство, па во календарот има традиционални трки и атрактивни нови настани. Почетокот на сезоната е најавен за 28 октомври со велеслаломите во Зелден (Австрија) во машка и во женска конкуренција. Потоа, од 8 до 12 ноември на програмата е од лани одложениот брзински меѓуграничен спуст Цермат-Червина, на границата помеѓу Италија и Швајцарија…
Некои од состаноците беа посветени на нови стратегии на ФИС засновани на иновации, дигитализација, нови концепти, нови ТВ-идеи и графика. Тековната трансформација се заснова на создавање нова дигитална ера ориентирана кон гледачите за да генерира поголем дофат, ангажираност, подобар пристап и искористување на средствата, пишува ФИС. Н.М.