Фото: ЕПА

Погачар е само третиот велосипедист со „тројна круна“ во една година

Словенецот Тадеј Погачар (26) направи неверојатно соло-возење во Швајцарија за да ја освои својата прва светска титула на друмски трки и со тоа стана само третиот што ја освоил велосипедската „тројна круна“ во иста година, по освоените трофеи на грантур-трките Тур де Франс и Џиро д’Италија, пишува „Би-би-си“.
На патеката долга 273,9 км, Австралиецот Бен О’Конор го освои сребрениот медал, досегашниот светски шампион Матие ван дер Поел го освои третото место, успевајќи во финишот да го победи четвртопласираниот, Летонецот Томс Скујинс, а светскиот шампион на хронометар и олимписки шампион од годинава Ремко Евенепул од Белгија беше петти…
– Имав голем притисок. Дојдовме тука за да победиме. По совршената сезона, навистина беше голема цел да се освои светското првенство и едноставно не можам да верувам дека се случи тоа – изјави Погачар.
Погачар е првиот што ја освоил „тројната круна“ по Ирецот Стивен Рош во 1987 година, белгискиот великан Еди Меркс беше првиот што го направи тоа, во 1974 година, а во 2022 година Анемиек ван Влеутен од Холандија стана единствената жена што го постигна тој успех, пишува „Би-би-си“. Г.И.


ФУДБАЛ – СПОРЕД АНАЛИЗАТА НА ЦИЕС

Кимих најмалку ја губи топката под висок притисок

Германскиот репрезентативец од Баерн, Јозуа Кимих, е на врвот на листата меѓу фудбалерите од средниот ред со најдобра статистика за чување на топката во ситуации под висок притисок, според анализата на Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС). Податоците се од 18 европски врвни лиги, како и од првенствата на Бразил и на Мексико. Кимих е на врвот на листата меѓу играчите од средниот ред што сезонава се соочиле со најмалку 60 ситуации под висок притисок.
Водечката тројка ја комплетираат италијанскиот интернационалец од Торино, Самуеле Ричи, и Бразилецот од Тигрес УАНЛ, Рафаел Кариока. Тројца играчи помлади од 21 година се меѓу првите 10. По тим, највисоки вредности се забележани за Манчестер сити (84,4 отсто), Јувентус (83,8) и за Шахтер (83,7).
Играчот се смета под притисок кога ја има топката и барем еден противнички фудбалер во негова близина се обидува или да ја врати топката или да ги ограничи неговите опции, а за секоја ситуација, „Скил корнер“ го одредува интензитетот на притисокот земајќи ја предвид брзината на играчите што го применуваат, нивната оддалеченост до фудбалерот што ја има топката и аголот на нивното движење, пишува ЦИЕС. Н.М.


ФУДБАЛ – РЕКОРД НА ПРЕМИЕР-ЛИГАТА

Која е тајната на головите на Брентфорд во првата минута?

Не се препорачува да дојдете доцна, дури ни една минута, за да го гледате Брентфорд во англиската фудбалска Премиер-лига, откако тој тим оствари извонреден подвиг со постигнат гол во воведните 40 секунди во секој од изминатите три натпревари во Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“. Сѐ почна на 14 септември против Манчестер сити, кога Јоане Виса постигна гол по 22 секунди. Потоа Брајан Мбеумо го одржа трендот, постигнувајќи гол по 23 секунди на дуелот со Тотенхем и по 37 секунди на натпреварот со Вест Хем.
– Не можам да ви ја кажам тајната. Дали е само во Премиер-лигата? Има многу лиги. Треба да знам дали тоа е светски рекорд. Тоа мора да е светски рекорд, три натпревари по ред под 40 секунди, тоа е неверојатно – рече тренерот на Брентфорд, Томас Франк, по ремито 1-1 со Вест Хем.
Брентфорд е првиот тим во историјата на Премиер-лигата што постигнал гол во првата минута во три последователни меча и вториот што постигнал погодок во првата минута во три различни натпревари во една сезона, по Евертон во сезоната 1998/1999, пишува „Би-би-си“.
– Се разбира дека постои планирање за сето тоа. Имаме стратегија за почеток на меч и ја менуваме од натпревар во натпревар. И како начин на размислување и филозофија, сакаме да бидеме позитивни. Секако, има некои детали што одат во наша полза, но сакам да им оддадам признание на стручниот штаб и на играчите – рече Френк. Н.М.