КОШАРКА – ЕП ЗА КАДЕТИ, ДИВИЗИЈА Б
Македонија почна со убедлива победа над Украина Ѓорѓи Цветковски беше прв стрелец во македонскиот состав со 22 коша
Машката кадетска репрезентација на Македонија (до 16 години) со сигурна игра и убедлива победа од 96-68 над Украина го започна Европското првенство (дивизија Б), кое се игра во Скопје до 17 август. Вториот дуел избраниците на македонскиот селектор Александар Јованчев, кои се сместени во групата Д, ќе го играат денеска, против селекцијата на Шведска во СЦ „Кале“ (18.30 ч.).
Ѓорѓи Цветковски беше прв стрелец во македонскиот состав со уфрлени 22 коша, три скока и две асистенции, Дамјан Данев оствари дабл-дабл, со 14 поени, 11 скока и пет асистенции, додека Жарко Терзиевски постигна 11 поени…
Како што е познато, неодамна македонската репрезентација (до 18 години) триумфираше на ЕП дивизија Б, кое исто така се играше во Скопје и со овој успех обезбеди пласман во поквалитетната дивизија А.
На ЕП играат 22 репрезентации поделени во четири групи. Две од нив се со по пет, а две со по шест селекции. Првопласираните две репрезентации од секоја група обезбедуваат пласман во четврт-финалето по првата фаза. Покрај Шведска, во групата на Македонија се уште Естонија, Украина и Австрија. Г.И.
ЛОИ 2024 – АТЛЕТИКА
Тебого од Боцвана до историско злато на 200 метри
Атлетичарот од Боцвана, Летсиле Тебого, сензационално триумфира во финалната трка на 200 метри на ЛОИ во Париз, со време од 19,46 секунди и на тој начин успеа да ги засени Американците, да ѝ го донесе првиот олимписки медал на Боцвана и да стане првиот спринтер од Африка што воопшто освоил злато во оваа спринтерска дисциплина.
Среброто му припадна на Американецот Кенет Беднарек (19,62), додека Американецот Ноа Лајлс (19,70) мораше да се задоволи само со бронзен медал, и со тоа ја испушти можноста да стане првиот спринтер по Усеин Болт од Јамајка со победи во трките на 100 и на 200 метри.
По трката Лајлс заврши во болница, откако од американскиот тим открија дека тој трчал заразен со ковид, но потоа тоа не го спречи да се качи на подиумот и да го прими бронзениот медал. Г.И.
ЛОИ 2024 – ТАЕКВОНДО
Ефтимов: Не освоивме медал,но ја обединивме Македонија
Македонската таеквондистка Милијана Рељиќ заврши меѓу осумте најдобри на ЛОИ во Париз, а по нејзиниот настап свои видувања за Македонскиот олимписки комитет (МОК) дадоа таа и нејзиниот тренер Александар Ефтимов.
– Бевме одлично подготвени. Ги слушав советите на тренерот и успеавме да добиеме една борба. Против Либанката ми недостигаше малку спортска среќа. Сепак, тука не застануваме, продолжуваме кон нови успеси и победи – вели Рељиќ.
Слично мислење искажа и нејзиниот тренер Ефтимов, кој смета дека иако не освоиле медал, сепак успеале да ја обединат Македонија.
– Не освоивме медал, но ја обединивме Македонија. Падна двократната олимписка шампионка, Британката Џејд Џонс – рече Ефтимов. Г.И.