Фото: ЕПА

Македонските спортисти ќе бидат пред голем предизвик и во олимписката година, на европската и на светската сцена

МИНИ-АНКЕТА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“ ЗА ОЧЕКУВАЊАТА НА МАКЕДОНСКИ СПОРТИСТИ И СПОРТСКИ РАБОТНИЦИ ВО 2024 ГОДИНА

Нова спортска година, нови желби, очекувања, надежи… Македонските спортисти ќе бидат пред голем предизвик и во претстојната 2024 година, уште повеќе ако се знае дека годината е и олимписка. Во Париз (24 јули-16 август) треба да се одржат 33. Летни олимписки игри (ЛОИ), а малку подоцна (28 август-8 септември) и 17. Параолимписки игри (ПОИ). За секој спортист, тренер, репрезентација, секако најголема желба е да се биде дел од Игрите, од тоа големо натпреварувачко семејство, и да се атакува на некој од медалите. Македонија и македонските спортисти ги врзуваат убави спомени за ЛОИ, како во минатото така и сега. Претходен пример е олимпиското сребро на таеквондистот Дејан Георгиевски во Токио на ЛОИ 2020, одржани во 2021 година. Во пресрет на новите спортски возбудувања, европски и светски спортски настани на разни спортски полиња, весникот „Нова Македонија“ направи мини-анкета за очекувањата на некои македонски спортисти, спортски работници и тренери од девет спорта, за 2024 година.

  • Дејан Георгиевски, таеквондист, носител на сребрен медал од ЛОИ 2020 во Токио: Моите очекувања во новата 2024 година се да исполнам норма за ЛОИ 2024, а потоа, секако, и да донесам медал од Париз.
  • Милијана Рељиќ, таеквондистка, најдобра млада спортистка на Македонија за 2023 година: Со оглед на тоа што 2023-та беше година во која освоив многу медали на најсилните Г-турнири и победував противнички што претходно не сум можела ни да помислам дека можам да ги совладам, очекувам 2024 година да биде уште поуспешна. Не престанавме да тренираме со полна пареа, дури и по освоената бронза на ЕП (до 21 год.), туку потоа веднаш во Скопје дојдоа неколку натпреварувачки од странство што се меѓу првите 10 на светската ранг-листа, со кои направивме седумдневен тренинг-камп. Во 2024 година сите сили ги вложуваме во исполнување на норма за ЛОИ во Париз, а квалификациите за нив се на 11 март во Софија. Дотогаш сѐ ќе биде насочено кон кревање на формата на највисоко можно ниво. Почнуваме уште од 2 јануари, кога ќе одиме на тренинг-камп во Солун, кај светската вицешампионка од Мексико во 2022 година. Потоа најверојатно ќе одржиме уште еден краток тренинг-камп во Лондон и на крајот на јануари сме на дводневен спаринг-камп во Ниш. На 3-4 февруари почнуваме со првиот Г1-турнир во Инсбрук, па на 13-14 во Анталија на Г1-турнир. На 11 март се надевам да изборам норма за ЛОИ 2024. Во почетокот на мај е ЕП (Г-4) за сениори во Белград, а на крајот на мај е Европскиот президент-куп (Г-2). Главниот фокус ни се квалификациите за Париз и потоа освојување медал од ЛОИ.
  • Емил Павлов, каратист, трикратен европски првак: На спортски план во новата 2024 година очекувам да се вратам со освоени медали од големите натпреварувања.
  • Ива Пројковска, фудбалска судијка: Прво се надевам на добро здравје, затоа што тоа е најважно, а потоа би била задоволна да се повтори 2023 година. В година нема големи натпреварувања за нас, жените, односно европско или светско првенство, меѓутоа ќе биде многу важна да ја одработиме најдобро што можеме за годината што следува по неа.
  • Никола Ѓоргиев, одбојкарски репрезентативец: Здравје, без повреди, и многу успеси на македонскиот спорт, а круна да биде ЛОИ 2024 во Париз, на кои посакувам некој наш спортист да освои медал, а по можност да биде златен.
  • Оливера Наковска-Бикова, стрелачка, носителка на златен олимписки медал од ЛОИ 2012: Олимписката 2024 година е исклучителна година од спортски аспект, полна со очекувања и надеж. Освоив директна квота за учество на ПОИ во Париз, а тоа ќе биде мое шесто учество на ПОИ, од Атина во 2004 година. Тренерот Бранимир Јовановски ја финализира програмата за работа според која нѐ очекуваат многу тренажни денови и настапи на неколку меѓународни натпревари, почнувајќи од Светскиот куп во Њу Делхи во март. На сите досегашни ПОИ влегував во финалето, а на третите по ред Игри во Лондон во 2012 година освоив злато. Па, нека се сврти тркалото на успехот уште еднаш на ист начин, како што беше во 2004 и 2008 финале, 2012 медал, 2016 и 2020 пак финале.
  • Бранимир Јовановски, селектор на параолимписката репрезентација и носител на злато од ПОИ 1992 во Барселона: Овој параолимписки циклус засега го заокруживме со една освоена квота од Оливера Наковска-Бикова во 2022 година, а на Александар Јовановски му претстојат уште два квалификациски турнира за квоти во март и во мај. И двајцата веќе ги почнаа подготовките мошне сериозно и се надевам дека Александар ќе се избори за една од осумте квоти, колку што останаа во игра, и конечно да ја почувствува магијата што ја носи учеството на еден таков грандиозен спортски настан, а со Оливера веќе 20 години одиме на победа на секој натпревар на кој ќе настапи. Искрено се надевам дека ќе ја збогати својата ризница на медали со уште еден параолимписки.
  • Дејан Мицкоски, спортски директор на Џудо-федерацијата на Македонија: Моите очекувања за 2024 година во џудо-спортот се освојување неколку медали на балканските првенства и по подолга пауза европски медал за нашата држава, а потоа и успешна организација на престојните меѓународни џудо-настани, Балканското првенство и Европскиот куп.
  • Гоце Георгиевски, ракометар и поранешен репрезентативец: Очекувам во 2024 година со Вардар да атакуваме на шампионска титула во македонското првенство, а тоа се амбицијата и целта на клубот. Од македонската репрезентација, која во јануари ќе настапи на ЕП, очекувам да се прикаже во добро светло, да биде рамноправна во натпреварите, а секој освоен бод ќе биде драгоцен за македонскиот ракомет воопшто.
  • Филип Панчевски, интернационален шаховски мајстор и репрезентативец на Македонија: Се надевам дека ќе можам да настапам на повеќе турнири во новата година и очекувам таа да ми биде успешна на резултатски план. Г.И.